Во седум еко-автобуси на ЈСП-Скопје, на линиите 2, 5, 15, 24 и 50, од вчера е поставена изложба „50 нијанси воздух“ која ќе трае еден месец, во организација на Шведската амбасада и невладината „Еко-свест“.

Минатиот месец Амбасадата организираше натпревар за аматерски фотографии кои го прикажуваат проблемот со аерозагадувањето, како и можни решенија кои секој поединец може да ги примени за да помогне во подобрувањето на квалитетот на воздухот.

Како партнер во дел од активностите е и проектот „Справување со загадувањето на воздухот во Скопје“ финансиран од Шведската агенција за меѓународна соработка и развој – Сида, а го спроведува Програмата на Обединетите нации за развој (УНДП).

Од 115-те фотографии кои пристигнале од повеќе градови во државата, жирито избра 36 кои се дел од патувачката изложба, а од нив три фотографии беа избрани како победнички на натпреварот.

Наградени беа фотографиите „Намалена видливост“ на Фросина Насковиќ, „Овој град е светло сив“ на Ангела Петровска и „Бесконечно“ на Атанас Бајлозов.

Како што соопшти Шведската амбасада, првата награда е прочистувач на воздух „БлуЕр“ и ја обезбедува шведската компанија „БлуЕр“ и нивниот застапник за Северна Македонија „Екотип“, втората награда е исто така прочистувач на воздух од „БлуЕр“ и ја обезбедува Амбасадата, а третата награда – планинарско ранче, термос, фитнес-маичка, обезбедени од „Еко-свест“.

Изложбата во дигитален формат може да се проследи и на фејсбук-страницата на амбасадата: Embassy of Sweden in Skopje, и на страницата на „Еко-свест“, каде што е креиран посебен албум на фотографии.

Паралелно со патувачката изложба во наредните денови ќе почне и кампања на социјалните медиуми за подигнување на свеста за аерозагадувањето и неговите причинители, како и за можните начини на кои секој поединец може да придонесе кон поздрав и поквалитетен воздух.

Кампањата ќе може да се проследи на фејсбук-страницата на Амбасадата на Шведска и на инстаграм-профилот на Амбасадата: @SwedenInMK.


Администратор
26/11/2020 14:11