Во Аеродром, на булеварот АСНОМ, се засадија 300 нови листопадни и зимзелни дрвја кои веќе напролет ќе развијат убави крошни чии сенки ќе придонесат за намалување на температурата во жешките месеци и овозможување на попријатни услови за прошетки низ овој дел на Скопје.

- Со овој дрворед ги потврдуваме новите стандарди на квалитет што го воведовме во текот на изминативе три години во нашиот град. Овде на Булеварот АСНОМ се засадени 300 висококвалитетни дрвја. Непосредно зад дрворедот на листопадните дрвја можете да ги видите дрвјата коишто претходно биле засадувани од моите претходници, коишто се уште се со послаб квалитет и во големина и во развојот на крошната од оние што ние изминатава недела ги засадивме, и токму тоа се стандардите за коишто јас денес зборувам. Овде имаме типични примери во општина Аеродром, во непосредна близина го имаме булеварот Србија кој нема тротоар од едната страна, а од другата страна лани ја изградивме велосипедската патека, го имате во Лисиче булеварот Трета македонска бригада каде што заради лошото планирање една перална ни стоеше околу четири или пет години на трасата и сега еве го булеварот АСНОМ – рече градоначалникот Петре Шилегов на прес конференцијата.

Тој додаде дека булеварот АСНОМ е модерно булеварско решение со по три коловозни ленти во секоја насока, тротоари и велосипедски патеки, средишно и странично зеленило со прекрасни дрвореди од двете страни, урбана опрема со клупи и корпи за отпадоци и соодветно осветлување. Шилегов изрази уверување дека граѓаните забележуваат дека сите нови булевари Град Скопје ги гради согласно со овие стандарди, а и не само новите, туку по овие стандарди се преуредуваат и постојните, на местата каде што тоа го дозволуваат просторните услови.

- Засадуваме висококвалитетни садници коишто веднаш влегуваат во екоситемот на нашиот град, толку потребно за прочистување на воздухот, како дел од секојдневната посветеност и моја, на градските претпријатија и на градската администрацијата. Тоа се стандардите коишто јас како градоначалник на овој град ги воведувам и ги охрабрувам и сите градоначалници да ги следат овие стандарди при изградбата на инфраструктурите објекти – нагласи Шилегов.

На засадувањето на садниците од двете страни на булеварот АСНОМ присуствуваа и претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева, градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин и директорот на ЈП„ паркови и зеленило“ Адријан Муча.


Администратор
25/11/2020 00:56