Почна постапката за геодетско мерење за патот и изработка на соодветна проектна документација, според која потоа треба да се изврши асфалтирање на патот до селото Луковица, за што мештаните самите собираат пари.

Месната заедница, здружението на жители на Луковица и црковниот одбор, откако во октомври добија согласност од мнозинството на луѓе кои имаат имоти во селото, собраа средства и ангажираа соодветна геодетска фирма.

-Денеска се изврши мерење на една делница од 3000 метри од месноста Крстец до месноста Еребичник. Остануваат уште 2,5 километри кои ќе се направат во текот на утрешниот ден, информира Миле Сибиновски, претседател на месната заедница и Здружението.

На оние што имаат имоти во Луковица се дадени 100 анкетни листови, а мнозинството прифатило да се соборат средства за проектната документација. Се собираат по 3.000 денари од домаќинство со имот во селото.

-Од 100-те дадени анкетни листови вратени ни се 86 позитивни одговори и четири негативни. Од тие што имаат имоти и што се постојано во Луковица, сите имаат дадено средства, како и оние со имоти а живеат во Скопје. Очекуваме придонесот да го дадат и оние со имоти во Луковица а живеат во Тетово и Брвеница, рече Сибиновски.

Иницијативата е поради децениското очекување за изградба на асфалтиран пат до селото.Овој потег се прави бидејќи се уште за да се стигне до Луковица треба да се помине пат од пет и пол километри кој нема асфалт и се поминува по чакал и песок. Поради дождовите во есенскиот дел, патот уште повеќе се оштетува и е тежок за движење и со теренски возила.


Администратор
21/11/2020 16:45