Владата на денешната 23-та седница донесе одлука за постоење кризна состојба на територијата на Република Македонија, заради заштита на јавното здравје во услови на постоење на пандемија прогласена од Светската здравствена организација од Ковид-19 и заради спречување на негово ширење во зголемен обем со што се загрозува безбедноста на здравјето на населението, соопшти владината прес-служба.

Ова е на предлог на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи, по претходен предлог на групата за процена. Претходно на седница, Советот за безбедност препорача прогласување кризна состојба на целата територија на Република Македонија, со цел ефикасно справување со последиците од кризата заради корона-кризата.

Периодот за постоење на кризна состојба на територија на Македонија е во траење од 30 дена почнувајќи од денеска и за оваа одлука Владата ќе го извести претседателот на Република Македонија и Собранието.

Истовремено, Владата ќе му предложи на претседателот на Република Македонија да одлучи за учество на дел од припадниците на Армијата (вид и број на сили и капацитети на армиските единици, намена и задачи за кои се бараат и времетраењето на активноста и ангажираноста на армиските единици) во справување со кризната состојба.

Владата заклучи главниот штаб при Центарот за управување со кризи веднаш да почне со подготовка на Акциски план за превенција и справување со ширењето на Ковид-19, како и целосен преглед за расположливи човечки и материјално-технички ресурси и план за координирано дејствување.

Владата донесе заклучок и министерствата за внатрешни работи, за одбрана, за здравство, Армијата, Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување, сите расположливи капацитети и ресурси да ги стават во функција на справување со кризната состојба, стои во соопштението


Администратор
21/11/2020 01:05