Најмалку четворица повредени, материјална штета на објекти и излевање на морето, е првичниот неофицијален биланс од силниот земјотрес со јачина од 6.7 степени според Рихтер на грчкиот остров Самос, јави дописничката на МИА од Атина.

Управителот на болницата на Самос, за грчката државна телевизија „ЕРТ“ рече дека четири лица се полесно повредени.

Локалното население е на улиците, морето ги поплави крајбрежните делови на островот, а сеизмолозите предупредуваат за последователни земјотреси и можност за мало цунами.

Од Секретаријатот за цивилна заштита на Грција преку бројот за итни случаи 112, испратија порака до жителите на Самос и повик да избегнуваат опасни објекти, да останат на отворено, да не ги користат телефоните непотребно, да останат подалеку од плажите, да ги следат медиумите и дека постои опасност од големи бранови.

Министерот за здравство на Грција Василис Кикиљас, преку „Твитер“ соопшти дека здравствените центри и болниците на островите Самос и Икариа се со зголемена готовност, а за островот заминуваат претставници на итната помош и

Неофицијално, за грчкиот остров Самос заминува заменик-министерот за цивилна заштита на Грција Никос Хардаљас.

Епицентарот на земјотресот беше на 19 километри северозападно од Самос, во морскиот дел меѓу грчкиот остров и турското крајбрежје.

Според турските медиуми, земјотресот предизвика голема материјална штета во Измир.

Силниот земјотрес беше почувствуван речиси во сите делови на Грција и во Атина иако е на голема оддалеченост од епицентарот.

За 15 часот по локално време беше закажано соопштувањето на новите рестриктивни мерки од грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, меѓутоа, поради земјотресот што се случи кусо пред 14 часот, одложено е телевизиското обраќање на Мицотакис.


Администратор
30/10/2020 16:02