Непочитување на превентивните мерки, како што е одржување растојание и носење маска биле забележани вчера и денеска во Солун за време на прославата на празникот Свети Димитрија во истоимената црква, објавија грчките медиуми, јави дописничката на МИА од Атина.

Според истите информации, дел од свештените лица биле без маски, за што портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас на денешниот редовен брифинг, одговарајќи на новинарско прашање рече дека „никој не е изземен од спроведувањето на мерките“.

Говорејќи за ситуацијата со коронавирусот во Грција, Пецас рече дека се забележува ширење меѓу младите и упати апел да се избегнуваат масовни собири.

Во однос на можноста за воведување нови мерки, портпаролот на грчката Влада, рече дека продавниците не се извор на ширење на коронавирусот, па така дури и во областите што се во црвената зона, ќе продолжат со работа, додека пак ја отфрли можноста дополнително да се намали работното време на кафулињата и угостителските објекти кои затвораат на полноќ.


Администратор
26/10/2020 20:01