Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија поведе истражна постапка за две лица за кои постои основано сомнение дека ги сториле кривичните дела – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 и Овозможување на употреба наркотични дроги од член 216 став 1 од Кривичниот законик.

„Осомничените, кај местото викано ‘Големи јавори‘, произведувале наркотична дрога марихуана и масло од канабис. Во фолија-пластеник имале засадено повеќе корени од растението – канабис сатива кои редовно ги наводнувале. Кога растенијата дошле во фаза на цветање, тие собрале, исушиле и спремиле за продажба вкупно 1458,43 грама марихуана во различни пакувања, а 57 гранки ги сушеле заради производство на масло од канабис во импровизирана лабораторија. Кај нив биле пронајдени и 1,5 литри масло од канабис во пластично шише. Во фолијата останале уште 20 корени од растението со висина од 0,2 до 2,4 метри кои продолжиле да ги наводнуваат и ги чекале да созреат. Наркотичната дрога и опремата за производство во импровизирана лабораторија биле откриени при претрес во викенд-куќата во која престојувале осомничените“, наведено е во соопштението на ОЈО.

Во истата викендица, посочено е таму, двајцата осомничени, на 21 октомври им овозможиле на двајца сведоци да употребуваат наркотична дрога – марихуана, така што им отстапиле посебна просторија за тоа. При претресот кај двајцата сведоци биле пронајдени помали количества марихуана во рачно изработени цигари.

„Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Гевгелија достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени, поради опасност од бегство, можност да се обидат да ги прикријат трагите од кривичното дело или да го повторат делото. Судот го прифати предлогот и им определи притвор во траење од 30 дена“, се вели во соопштението.


Администратор
26/10/2020 18:56