Дигиталните перспективи на регионот во контекст на интеграцијата во Европската Унија е главна цел на Дигиталниот самит за Западен Балкан во организација на Регоналниот совет за соработка, што се одржува он лајн во Тирана во рамки на Берлинскиот процес и Мултигодишниот акциски план на регионалната економска област за Западен Балкан. На самитот учествуваат високи владини претставници од регионот, Европската комисија, Регионалниот совет за соработка, претставници од бизнисот. На утрешната агенда на самитот е предвидено да се обрати министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири.

-Пандемијата драстично го промени светот во кој живееме. Но и пред ковид кризата забрзаниот технолошки развој и дигиталната технологија имаше клучна улога за достигнувањата, но и за одредени ризици во општествата. Прашањето што сега се поставува е да се зголемат придобивките од новите технологии, а во исто време да се минимизираат неизбежните краткорочни пречки. Клучот за тоа е во соодветни политики за организациски промени водени од дигиталната револуција, изјави во обраќањето на отворањето на Самитот генералната секретарка на РСС Мајлинда Брегу.

Потсети дека регионот има огромни придобивки од Договорот за роаминг потпишан лани во април во Белград, од страна на шесте ресорни министри од Западен Балкан.

-Тоа не беше лесно достигнување, туку значаен сигнал за регионална соработка и економска соработка. Што се случи оттогаш, прво – од јули 2019 се намалија трошоците за роаминг и сега плаќаме од 83 до 96 отсто помали трошоци за роаминг во цел Западен Балкан. Второ – од јули 2021 цел регион на Западен Балкан ќе има нула проценти трошоци за роаминг. И трето, среднорочната цел е да се намалат трошоците за роаминг меѓу Западен Балкан и ЕУ, рече Брегу.

Според неа, обврска на лидерите е да спроведуваат политики за образување на луѓе со вештини, училиштата и универзитетите треба да образуваат кадар што ќе одговара на потребите на современата ера и модерната економија. Истакна дека пред Западен Балкан стојат нови предизвици, а еден од нив е и заедничкиот регионален пазар, што е значаен преод кон заедничкиот европски пазар, и што ќе биде тема на Самиот во Софија за две недели.

-Дигиталната трансформација е процес што налага вложување во човечки капитал, систем, процеси. Според неодамнешаната анкета на Балкан барометар, 80 проценти од менаџерите ги сметаат дигиталните вештини како важен предуслов за водење на нивните бизниси. Педесет и пет проценти од компаниите од Западен Балкан обезбедуваат некаква форма на обуки за унапредување на вештините на нивните работници. Дигитализацијата е револуција што се случува на глобално ниво, значи многу инвестиции во човечки капитал, но и многу финансии. Се надевам дека регионот ќе може да се придвижи напред на овој план, со помош и на економскиот и инвестициски план на ЕУ за регионот, од кој дел ќе биде посветен на дигиталната трансформација и широкопојасната мрежа, истакна Брегу.

Генералниот директор на Директоратот за поврзување при Европската комисија, Роберто Виола, рече дека преку успешната имплементација на Договорот за роаминг за Западен Балкан секој граѓанин може да ги види предностите на дигиталната соработка, што е видливо за граѓаните.

-Живееме во време на криза, пандемијата претставува закана за економијата и општеството и научивме дека дигиталната технологија и дигиталните алатки се суштински за одржување на општеството и одржување и придвижување на економијата, и суштински дел на опоравување на економијата. Условите во време на пандемија се драматични. Секој граѓанин и политичар сега знае за важноста на дигитализацијата. Одлуката 20 отсто од економиот пакет да биде за дигитализацијата е важен чекор за унапредување на оваа област, рече Виола.

Оцени дека без поврзување нема дигитално општество и оти Европа и Западен Балкан треба заедно да работат на ова поле за да се придонесе кон посигурно и позабрзано општество. Истакн и дека втор приоритет е модернизирање на јавната администрација, посебно во делот за давање транспарентни услуги за граѓаните, особено во областа на здравството.

-Дигиталните вештини се многу важни за да се обезбеди младите луѓе да имаат можности. Од оваа криза имаме изгубена генерација, а стекнувањето со дигиталните вештини се еден од поважните одговори на ова, подвлече директорот на Директоратот за поврзување при ЕК.

Дигиталниот самит за Западен Балкан 2020 има за цел да ги унапреди добрите практики во Западен Балкан, достигнувањата на Дигиталната агенда, и искористување на можностите на градење партнерства со приватниот сектор, во контекст на дигиталниот процес на трансформација.

Самитот ќе ги промовира дигиталните перспективи на Западен Балкан во контекст на ЕУ интеграцијата, отворајќи го патот на Дигиталната агенда. Самитот ќе покрие четири главни платформи: Поврзување на мрежи и услуги, Доверба и безбедност, Дигитални вештини и Дигитална економија.


Администратор
26/10/2020 16:08