Списанието за одржлив развој „Лице в лице“, денеска на својата фејсбук-страница промовира видео насловено „Да се обидеме и вака“ посфетено на развојот и трансформацијата на образовниот процес.

-Како би можел да изгледа еден час на кој, меѓу другото, децата се поттикнувани да поставуваат прашања и да развиваат критичко размислување, не е задолжително да се седи во клупа, се учи преку примери и експерименти, учениците се и во улога на учители, а наставникот е отворен, мотивира и насочува се дел од аспектите кои уличното списание за одржлив развој „Лице в лице“ ги разработува во видеото насловено „Да се обидеме и вака“ по што публиката ќе биде поканета да го сподели, заедно со одговори за тоа како го замислува образованието од иднината, која е целта на образовниот процес, како да ја поттикнеме љубопитноста на децата и како тие да се изградат во одговорни граѓани кои што ќе придонесуваат во општествениот развој…, велат од „Лице в лице“.

Видеото е изработено како почеток на кампањата на „Лице в лице“ која е на тема „Образование од иднината“, чиј клучен дел е и 42. издание на уличното списание, кое ќе биде достапно за своите читатели од утре.

Најновото, 42. издание на списанието за одржлив развој „Лице в лице“, велат издавачите на ова списание, како и кампањата која што ќе се одвива на социјалните мрежи, зборуваат токму за перспективата на образованието кое ќе создава генерации со вредности, во кое наставниците континуирано ќе се развиваат професионално и ќе креираат часови кои што ќе ја поттикнуваат љубопитноста кај учениците, ќе ги мотивира и ќе ги гради во индивидуалци, човечки капитал што ќе го движи општеството напред, кон одржлив развој.

– До фактите денеска доаѓаме со еден клик на компјутер или телефон, а создавањето одговорна популација со критичко размислување што ќе создаде подобро општество, е процес во кој се вложува, зашто трансформацијата на општестовото почнува од трансформацијата во образованието, вели Климентина Илијевски, главната уредничка на „Лице в лице“.

„Лице в лице“ е списание за одржлив развој, кое излегува од септември 2012 година, и го промовира моделот на социјално претприемаштво. Продавачи се ранливи сограѓани, кои се обучуваат за продажба од страна на тим на платформата „Лице в лице“. Половина од сумата на списанието (кое чини 100 денари) е директна заработка за продавачот (доколку го купите списанието директно од продавач или преку негов QR код, или се вложува во фондот за социјално менторство – поддршка на продавачите за градење вештини и за нивно вклучување на отворен пазар на труд). Останатата половина се вложува во создавање нови содржини, развој и надградба на дигиталната платформа и за печатење на печатеното издание.

Списанието, посочуваат од „Лице в лице“ врши двојна улога – ги засилува ранливите сограѓани, но, и ја подигнува јавната свест за прашања што нѐ засегаат сите нас – одржлив развој, социјална вклученост, демаргинализација на групи и на поединци, образование, еколошка свест, културен развој, активизам во уметноста и во културата, општествена одговорност, волонтерство, кои се и дел од темите што се во фокусот на списанието.


Администратор
26/10/2020 12:31