Генералниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски денеска се обрати на првиот академски час на Машинскиот факултет во Скопје и ги поздрави бруцошите преку онлајн вклучување, согласно протоколите на Факултетот за почетокот на оваа учебна година.
Ковачевски, како што соопштија од ЕСМ, им посака на бруцошите успех и добри резултати и потенцираше дека процесите во образованието, економијата и сите други сфери мора да продолжат и покрај ковид пандемијата.
– Благодарение на технологијата можеме да бидеме утрово сите заедно, да се видиме и да се слушнеме и да кажеме своја порака во насока на охрабрување на новите студенти на патот кој го избрале, рече Ковачевски, кој нагласи дека и самиот дипломирал на Tехничкиот факултет во Битола и го разбира интересот на бруцошите кои за првпат денеска влегуваат во образованието на Машинскиот факултет.
Државниот производител на електрична енергија-ЕСМ, посочи тој, е во тесна соработка со машинскиот факултет и со уште неколку други факултети во земјава.
– Нам ни се потребни експертските знаења на професорите за различни проекти во нашиот производен процес. Исто така, преку стипендирање со 30 стипендии годишно на четири универзитети вложуваме во нови кадри кои се надеваме дека еден ден ќе најдат своја професионална исполнетост токму во ЕСМ. За студентите оезбедуваме и поддршка при обезбедување практична настава во сите наши подружници односно електрани ширум земјата, рече Ковачевски.