За разлика од претходните Ковид –мерки кои беа речиси неуспешни, презентираните мерки даваат надеж за стопанството барем до јануари 2021. Доколку овие мерки беа донесени кон крајот на март, ефектот од истите ќе беше многу поголем.

Кога станува збор за последната мерка треба да се има во предвид дека од 70 милиони евра за исплата на плати и придонеси, 33.6 милиони ќе се вратат во буџетот по основ на придонеси, а останатите 36.4 милиони ќе завршат кај работниците во форма на плати. Но помошта за компаниите и нивните трошоците во услови на криза изостана и во претходните и во овој пакет на мерки. Од вкупно 150 милиони евра предвидени за спас на приватниот сектор преку плати и придонеси, доделени ќе бидат 78 милиони во форма на плати а останатите 72 милиони се враќаат кај државата.

Владата се обидува со вбризгување на 2% од буџетот да ја спаси економијата, што е невозможно.

Мерките ниту ги спасија 30% од копмпаниите кои се затворија во изминатиот период, ниту ќе ги спасат оние кои се најпогодени од кризата. Овие мерки се соодветни единствено за компаниите кои имаат 10-50% загуба.

На списокот на владините мерки за помош на економијата се најдоа и ред безмислени мерки како, викенд без ДДВ. За овој вид мерка граѓаните немаат финансиска моќ, и ефект од мерката нема да имаат ниту граѓаните ниту економијата. Претпоставката дека 350.000 граѓани ќе потрошат по 30.000 денари, односно 170 милиони евра за еден викенд е тотален апсурд и навреда. Од друга страна пак владата доделува 3000-6000 ден. помош на граѓаните што не е доволно ни за преживување.

Со поддршката на пасивните баратели на работа, владата директно стимулира сива економија како и неплаќањето даноци. Владата обезбеди мерка за спас на казина, обложувалници, коцкарници, ноќни клубови, но не обезбеди мерка за 40000 деца кои заради немање компјутери ќе останат без образование.

Исто така владата во услови на здравствена криза во континуитет го заборава здравството и здравствените работници. Владата ги заборави 1250 матични лекари, 2500 стоматолози, 500 специјалисти. Здравствени работници кои секојдневно се грижат за здравјето на сите нас.

Потребен е сериозен стратешки пристап и за спас и за стимулација односно рестарт на економијата а не краткорочни популистички мерки кои единствено ја спасуваат владата.