Министерството за надворешни работи на Косово го одби барањето на министерот за образование на Србија Младен Шарчевиќ да влезе во земјата, како одговор на „продолжувањето на кампањата“ против Косово од страна на властите во Белград, објави порталот „Газета експрес“.

Како што јави дописникот на МИА од Приштина, Шарчевиќ, врз основа на протоколи за меѓусебни посети на официјални претставници на Косово во Србија и обратно, побарал да посети образовна установа во Северна Митровица, општина во северниот дел на Косово, населена со мнозинско српско население.

Барањето на српскиот министер, според изворите на приштинскиот медиум од косовското МНР, му е одбиено поради повеќе дејствија на Белград насочени против косовската држава.

– Има неколку причини поради кои е одбиено барањето: Владата на Србија ја продолжува кампањата против признавањето на независноста на Косово; Владата на Србија постојано ги ажурира меѓународните потерници во Интерпол за наводни воени злосторства на граѓаните на Косово и поранешните припадници на Ослободителната војска на Косово; исто така, Владата на Србија, наспроти постојаното унапредување на правата на српската заедница во Косово, продолжува да навлегува во проектите на Република Косово за подобро интегрирање на тоа малцинство, се вели во образложението на косовското МНР.

Ова е втор пат како косовските власти го спречуваат Шарчевиќ да влезе во земјата, откако во јуни 2019 година му беше одбиено барање, заедно со директорот на Канцеларијата за Косово при Владата на Србија, Марко Ѓуриќ, да ги посети факултетите во рамките на државниот универзитет во Приштина сместени во Северна Митровица.


Администратор
01/10/2020 11:43