Старите предмети можат да добијат нова намена , во Кавадарци беа реализирани завршни активности од проект за поттикнување на младинско вработување, кој го реализираше регионалното еколошко друштво ,,Еко-живот”.

Претседателот, Роберто Паризов информираше дека станува збор за завршен настан за Еразмус плус проект, насловен ,,Примена на апциклирање за поттикнување на вработувањето кај младите”, кој се спроведуваше 18 месеци.

Пред присутните беше појаснето дека за разлика од рециклирањето кое е процес на преработка на одредени предмети во примарна материја, кај апциклирањето нема нова материја, туку се преработува истиот предмет и му се дава нова вредност. Беа посочени примерите кога канта за масло станува столче при што се добива нешто ново, а и се штеди. Од стари алишта се добиваат нови и уникатни.

Координаторот на проектот, Елена Ризова информираше дека проектот има за цел да ги мотивира и поттикне младите за поголема вклученост преку нивна обука, за користење на аплирањето како метод за стекнување самодоверба и чувство на корисност. Таа соопшти за тоа дека биле одржани неколку тематски работилници и се учела техниката на апциклирање, пренамена на отпадот во нешто корисно.

-Истовремено, го промовираме меѓу младите социјалното претприемништво и зелените бизниси, како продуктивен и креативен начин за вработување или самовработување, нагласи Ризова.

Таа се осврна и на апциклираната уметност и создавање уметнички дела од нешто кое многумина го сметаат за отпад.

Ако сакаме промени на глобално ниво, треба са се почне од локални рамки, беше испратена порака од екологистите, кои сево ова го ставија и на веб платформа.

Во дворот на новиот Вински музеј во Кавадарци, беше кажано дека македонскиот народ во својата традиција го има чувството да се чуваат некои работи и од нив да се направат нови предмети, како на пример обичајот од лименки за сок да се прават кутии за пенкала и слично. Потребно е, беше нагласено, со креативност и свесност, сето тоа да се преточи во соодветни идеи кои би можеле да бидат хоби, но и бизнис.

Да се пресече навиката од модерното време за конзумирачко општество во кое само се купува и се фрла, се апелираше при завршната презентација на проектот, на кој партнери беа кавадаречката ,,Проект ЕУ” и англиската ,,Ред окре”.

На средбата на која се почитуваа препораките за заштита од коронавирусот, беа споделени и искуства од престојот на осум млади луца од Кавадарци во Лондон, за тоа колку апциклирањето може да биде значајно за луѓето.


Администратор
30/09/2020 20:08