Стопанската комора за туризам го чека прочистениот текст од Владата, во кои детално се објаснува кои мерки се наменети за оваа дејност и кои се условите за користење на државна помош, по што ќе се произнесат дали ќе ги прифатат или не, изјави денеска претседателот на Комората Емил Димитровски.

На денешната прес-конференција во Штип, тој истакна дека 70 проценти од мерките што ги предложиле се усвоени од страна на Владата.

– Одлично е што се прифатени, но сакаме да ги видиме условите за добивање на тие мерки, бидејќи доколку тие услови не бидат во функција на стопанството, сметам дека целата работа ќе биде фрлена во вода, рече Димитровски.

Посочи дека не се прифатени мерките за ослободување од даноци за агенциите со кои би можеле да бидат регионални играчи и рамноправни со тур операторите од Албанија и Бугарија.

– Побаравме нашите мерки да бидат заклучно со март за плати и придонеси, но гледаме дека одлуката сега е до крајот на декември. Сфаќам дека тоа е согласно буџетот, така што за понатамошните барања ќе треба во јануари да ги предложиме овие мерки, бидејќи сите анализи се дека ќе продолжи ковид кризата и дека 2021 ќе биде многу тешка за работа, истакна Димитровски.

Сопственикот на туристичката агенција „Бран“ од Прилеп, Бранко Каревски вели дека загубите на туристичките агенции во земјава се околу 75 проценти. Смета дека агенциите се најпогодени во оваа гранка.

Во туристичката индустрија во земјава се вклучени директно 30.000, а индиректно околу 40.000 лица.


Администратор
29/09/2020 18:39