Француската Влада денеска го претстави предлог буџетопт за 2021 година, со кој се предвидуваат 42 милијарди евра поддршка за економијата поради пандемијата со новиот коронавирус.

– Убедени сме дека Франција може да закрепне и тоа брзо, изјави францускиот министер за финансии Бруно ле Мер по владината седница.

Според проценките француската економија годинава ќе забележи пад од 10 отсто, што ќе биде најголема рецесија од Втората светска војна.

Претходно, центристичката Влада на францускиот претседател Емануел Макрон претстави план за заздравување на економијата во висина од 100 милијарди евра, насочен кон создавање на нови работни места и спасување на фирмите.

– Планираме до крајот на 2021 година да поделиме 42 милијарди евра од тие средства за да постигнеме брзи економски резултати, посочи Мер.

Тој додаде дека „трошењето пари за спас на работните места и компаниите е добра инвестиција“.

Мер вети и намалување на јавниот долг, намалување на јавната потрошувачка и големи реформи, меѓу кои и промена на пензискиот систем.


Администратор
28/09/2020 23:41