Политиката треба да биде што подалеку од изборот на обвинителите, изјави денеска министерот за правда Бојан Маричиќ одговарајќи на новинарско рашање во врска со барањето на опозицијата јавниот обвинител да се бира на нивен предлог.

– Нашиот принцип е политиката да биде што подалеку од изборот на обвинителите и тоа го утврдивме во Законот за ЈО. Јавниот обвинител на Република Северна Македонија се избира согласно процедура во Уставот. Таа процедура предвидува дека Владата го предлага јавниот обвинител, а дека Собранието го избира со апсолутно мнозинство, така што за тоа да се промени треба да се промени Уставот. Мислам дека сега не е време за тоа. Мислам дека имаме професионален државен јавен обвинител кој ја врши својата работа согласно законот и согласно професионалните стандарди, рече Маричиќ на прес-конференција во Владата.

Опозицијата, потенцира тој, ќе има прилика да учествува во овие законски проекти, но и генерално во антокупциските политики доколку тоа го сака и доколку тоа и е целта, но политичарите не треба да бираат обвинители со политички договор и ние веруваме дека тоа е повик за зајакнување на правосудството.

– Не веруваме дека е добар начин избор на обвинител со политички договор. Имавме едно искуство пред неколку години со СЈО, кое што потоа опозицијата го критикуваше, рече Маричиќ.

Министерот за правда додаде дека изборот на обвинител на предлог на опозоцијата била нивна стара идеја промовирана уште пред неколку години, но констатираше дека, за жал, опозицијата имала неконструктивен однос кон соработата во клучните процеси во изминатите неколку години.

– Дури и во еден момент и се откажаа од таа идеја, а имавме прилика кога се создаваше Законот за јавно обвинителство да најдеме заедничко решение за обвинителот за висока корупција и организирн криминал, но и тогаш не се договоривме, рече министерот за правда Маричиќ на заедничката прес-конференција со Љупчо Николовски, вицепремиер за коруција.


Администратор
25/09/2020 15:05