Режисерот и сценаристот Столе Попов е добитник на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ на 41-то издание на фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“, а полско-американскиот кинематографер Јануш Зигмунд Камински ја доби наградата „Златна камера 300“ за животно дело или животен опус.

Во името на градот домаќин пред присутните гости се обрати градоначалничката Наташа Петровска која истакна дека фестивалот „Браќа Манаки“ претставува фестивал еликсир на фотографијата.

Битолската публика со аплауз го поздрави режисерот Столе Попов кому годинава од страна на Друштвото на филмските работници на Македонија му беше доделена наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“.

Попов во своето обраќање нагласи дека добивал многу награди, но според него најсилни и иманентни се наградите од публиката и од колегите. Токму така го разбира годинашното високо фестивалско признание.

Заради КОВИД мерките и актуелната пандемија во светот во Битола не можеа да пристигнат, но со свое видео обраќање за вредноста и квалитетот на фестивалот говореа Кејс Ван Острум, нов претседател на Меѓународната асоцијација на кинематограферите ИМАГО и тој потсети дека Битола е голем меѓународен центар на киноматограферите, а потврда за тоа е Конгресот кој во 2016 година се одржа во овој град.

Добитникот на „Златна камера 300“ за животен опус Камински рече дека инвентивноста и оригиналноста на браќата Манаки го мотивираат час поскоро да дојде во Битола за да лично си ја подигне својата награда и очекува дека тоа ќе биде в година ова време.

На 41-то издание на ИФФК „Браќа Манаки“ за значењето на фестивалот, традицијата и улогата на подвижните слики во животот на секој човек говореа американската амбасадорка Кејт Мари Брнз и директорката на фестивалот Гена Теодосиевска.

Публиката во битолскиот Музеј имаше премиерна можност да погледа кратка репортажа од новоизграденото кино „Манаки“ во Битола кое е изградено на Широк Сокак во овој град и се очекува наскоро да биде пуштено во употреба.


Администратор
20/09/2020 04:25