Перцепцијата за банкарскиот систем и довербата во него е основата на којашто тој функционира. Оттаму, објективните и веродостојни информации се исклучително важни за зачувување на неговата стабилност. Ова го истакнува вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за МИА, осудувајќи ги шпекулациите, коишто, како што вели, беа пласирани во изминатите неколку недели.

– Секоја донесена одлука, независно дали станува збор за монетарниот инструментариум, девизните резерви или за супервизорските одлуки, вклучително и при донесување на одлуката за „Еуростандард банка“, одлучувањето не било и не може да биде дискреционо. Согласно со најдобрите меѓународни практики, професионални тимови подготвуваат целокупна аналитичка инфраструктура – информации, анализи и предлози за постапување, коишто се разгледуваат на повеќе нивоа во Народната банка, пред да се достават до највисокото раководство како предлог за одлучување, вели Митреска, која е дел до тимот на Народната банка веќе две децении.

Во однос на пропаѓањето на „Еуростандард “, Митреска е децидна дека не е поврзано со ковид-кризата.

– „Еуростандард банка“ подолго време наназад беше изложена на поголем кредитен ризик и слабости во работењето, поради што беше под засилен супервизорски надзор и беа изрекувани бројни супервизорски мерки во насока на санирање на состојбите во Банката. Всушност, токму заради објективноста и темелниот пристап на супервизорските тимови, овие слабости излегоа на површина во билансот на Банката, посочува вицегувернерката.

Таа напоменува дека и покрај корективните мерки, капиталот на Банката паднал под законскиот минимум, а во таков случај единствено можно решение е барањето до сопствениците да ја исполнат својата законска обврска и да вложат дополнителни парични средства.

– Би сакала јавноста да има целосна слика и да знае дека ова не се средства коишто ѝ се потребни на Народната банка. Тие средства се слеваат во билансот на деловната банка и во овој случај беа неопходни за да се исполни законското минимално капитално барање за да може „Еуростандард банка“ да опстојува.

Според неа, за жал, ниту од сопствениците, ниту од потенцијален инвеститор посочен од нив, со кого Народната банка имала интензивна комуникација, не се обезбедил потребниот капитал за да се достигнат минималните законски барања. Во такви околности, според вицегувернерката, немало друго решение освен укинување на дозволата за основање и работење на „Еуростандард банка“.

– Народната банка не може и не смее да дозволи банка да работи спротивно на законската регулатива, истакнува Митреска.

Во интервјуто за МИА, таа се осврнува и на оцените и очекувањата на Народната банка за ефектите од ковид-кризата врз македонската економија. Притоа посочува дека по првиот шок од пандемијата на ковид-19 се забележува одредено стабилизирање на довербата и перцепциите на потрошувачите и инвеститорите. Кај извозната активност беше забележан пад, но како што вели Митреска, веќе од јуни има поактивно искористување на македонските производствени капацитети вклучени во глобалниот автомобилски синџир.

Повеќе од јасно е дека корона-кризата има ефекти врз глобалната економија. Народната банка посочи неколку канали преку кои здравствената криза може да се одрази врз македонската економија. Како гледате на овие видувања, половина година откако земјата се соочува со пандемијата?

Тековите во македонската економија, во голема мерка ги потврдуваат нашите априлски оцени и очекувања за сегментите кои би биле најчувствителни на оваа криза. Видливи се ефектите врз довербата и перцепциите и на потрошувачите и на инвеститорите, но по првичниот шок се забележува умерено стабилизирање. Извозната активност, со оглед на вклученоста во глобалниот автомобилски синџир забележа остар пад, ама како што и очекувавме веќе од јуни гледаме поактивно искористување на производствените капацитети. Дознаките од иселениците и работниците во странство, коишто се значаен прилив во економијата беа идентификувани како битен канал на пренос на шокот. Веќе ги имаме податоците за првата половина од годината и тие ги потврдуваат овие оцени, со оглед на намалувањето на приливите. Но, се забележува одредено пренасочување на дел од дознаките во готовина кон формалните банкарски канали, што делумно го ублажува неповолниот ефект. Формалните дознаки во вториот квартал растат со годишна стапка од дури 65%. Во однос на обемот на странските директни инвестиции, во второто тримесечје има одредено намалување.. Сепак, вкупниот износ на странските инвестиции во првите шест месеци од годината од околу 112 милиони евра е повисок во однос на минатата година и е во рамки на нашите проекции. Тоа што е исто така важно е што во овој период има прилив на нов сопственички капитал. Еден дел од приливите на капитал е во банкарскиот систем. Ова е многу важен сигнал, зашто покажува дека матичните банки се подготвени да ги поддржат своите подружници во нашата земја.

Накусо – мислам дека засега, македонската економија ја минува кризата главно во согласност со очекувањата на Народната банка. Но како што и нагласуваме во повеќе наврати, со оглед на природата на кризата, ризиците се нагласени, а неизвесноста е исклучително голема. Ваквиот контекст е одраз и на неизвесното глобално окружување, но и на неизвесниот развој на здравствената криза во земјата, што секако ќе делува врз идните економски текови.

Но, непишано правило е дека во текот на секоја криза, кај граѓаните има склоност за располагање со девизи повеќе отколку вообичаено. Има ли такви притисоци во текот на оваа криза?

Поголемата склоност за располагање со странски валути беше поизразена кон крајот на март и во текот на април, по што има одредено стабилизирање. Но, ако ја гледаме евроизацијата дефинирана пошироко, како учество на девизните депозити во вкупната парична маса во економијата, од април наваму тоа учество е стабилно, во просек изнесува околу 35,5 отсто и е пониско во однос на минатата година, што не беше случај во претходни епизоди на криза кога ова учество бележеше раст.

Повеќе пати во изминатиот период Народната банка нагласува дека банкарскиот систем е здрав, стабилен и отпорен на шокови. Ковид-кризата може да делува и врз билансите на банките. Како гледа Народната банка на ова?

Како институција имавме повеќе видувања на оваа тема и не би сакала многу да се повторувам. Единствено би потенцирала дека со солвентност од 17 отсто, ликвидна актива која учествува со околу 30 отсто во вкупната актива, ниско учество на лошите кредити од 4,7 осто и остварена добивка во првата половина од годината којашто е природен извор на нов капитал, банкарскиот систем е доволно силен да апсорбира евентуални загуби предизвикани од кризата.

Ова не е само констатација на Народната банка, туку ова го потврдуваат и меѓународните финансиски институции. На пример, Светската банка во пролетното издание на регионалниот економски преглед, токму поради ваквите перформанси на нашиот банкарски систем, на мапата на ранливост на ковид-кризата, финансискиот сектор го категоризира во „зелена зона“, или зона на ниска ранливост. Секако дека прудентното однесување на самите банки и управувањето со ризиците има голема улога за ваквите оцени. Но, исто така, сакам да нагласам дека значаен придонес за подготвеноста на банкарскиот систем за справување со шокови имаа и зајакнувањето на регулативата во изминатиот период и барањата на Народната банка до банките да го држат капиталот над законскиот минимум – како заштитен слој за зачувување на капиталот, како барање затоа што некоја банка е системски значајна или како барање кое се наметнува заради ризиците кои банките ги преземаат во своето работење.

Резултатите од стрес-тестовите покажуваат дека при понеповолно макроекономско сценарио од актуелното, стапката на адекватност на капиталот на банкарскиот систем би се намалила во однос на постојното ниво, но би се задржала над законскиот минимум.

Тоа потврдува дека банкарскиот систем и во понеповолни услови од тековните би ја задржал својата стабилност, што е од големо значење и за граѓаните, и за компаниите и за економијата во целина. Но, во секој случај, со оглед на тековните околности, важно е банките и во овој поглед да бидат прудентни и да ги вложат сите напори за да ги поддржат своите капитални позиции, вклучително и преку задржување на добивката и воздржување од исплата на дивиденди.

Впрочем и главните препораки на меѓународните финансиски институции се токму во оваа насока. При криза од ваков карактер, банкарските системи треба да го користат својот ликвидносен и капитален потенцијал за да ги апсорбираат можните загуби, а да не ја прекинат поддршката на економијата. Но истовремено треба и да покажат прудентност, особено во однос на политиката на исплата на дивиденди.

Се соочивме со затворање на банка во текот на ковид-кризата. Дали кризата имаше пресудна улога за овој настан?

Ковид-кризата во нашата земја настапи кон средината на март и едноставно е невозможно во олку кус период да доведе до несолвентност на банка и да биде пресуден фактор за нејзиното затворање. „Еуростандард банка“ подолго време наназад беше изложена на поголем кредитен ризик и слабости во работењето, поради што беше под засилен супервизорски надзор и беа изрекувани бројни супервизорски мерки во насока на санирање на состојбите во Банката. Всушност, токму заради објективноста и темелниот пристап на супервизорските тимови, овие слабости излегоа на површина во билансот на Банката.

И покрај корективните мерки, капиталот на Банката падна под законскиот минимум, а во таков случај единствено можно решение беше барањето до сопствениците да ја исполнат својата законска обврска и да вложат дополнителни парични средства. Би сакала јавноста да има целосна слика и да знае дека ова не се средства коишто ѝ се потребни на Народната банка. Тие средства се слеваат во билансот на деловната банка и во овој случај беа неопходни за да се исполни законското минимално капитално барање за да може „Еуростандард банка“ да опстојува. За жал, ниту од сопствениците, ниту од потенцијалниот инвеститор, не се обезбеди потребниот капитал за да се достигнат минималните законски барања, а со тоа и да се овозможат услови Банката понатаму да се регенерира, што секако за сите ќе беше најдоброто решение.

Затоа и вложивме огромни напори. Секоја централна банка пред да посегне кон затворање на банка вложува напори да најде алтернативно решение. Во овој контекст, наспроти информациите коишто се појавуваат во јавноста, имавме и интензивна комуникација со потенцијалниот инвеститор на којшто му укажавме на неопходноста од дополнителни вложувања на капитал во Банката. Сепак, немаше подготвеност да се обезбедат потребните вложувања. Воедно, не беше доставена ниту севкупната документација којашто е неопходна за да се оцени дали тој ги исполнува законските услови за акционер на банка. Во такви околности, немаше друго решение освен укинување на дозволата за основање и работење на „Еуростандард банка“. Народната банка не може и не смее да дозволи банка да работи спротивно на законската регулатива.

По одземањето на дозволата за работа на „Еуростандард банка“, се зборува за дискреционо одлучување на Народната банка, се вели дека Народната банка не морала да го преземе овој чекор. Како гледате на овие тврдења?

Независното одлучување на една централна банка, во рамки на нејзиниот законски мандат е општествена вредност што се темели на најдобрите меѓународни законски постулати и добри практики. Мислам дека во овој поглед не смее да има компромис. Но кога сте независни, истовремено имате уште поголема одговорност за успешно да ги остварувате целите и задачите, а за до го направите тоа во секој сегмент на институцијата треба да има структуриран систем на управување и одлучување. Веќе две децении сум дел од тимот на Народната банка. Секоја донесена одлука, независно дали станува збор за монетарниот инструментариум, девизните резерви или за супервизорските одлуки, вклучително и одлуката за „Еуростандард банка“, одлучувањето не било и не може да биде дискреционо. Согласно со најдобрите меѓународни практики, професионални тимови подготвуваат целокупна аналитичка инфраструктура – информации, анализи и предлози за постапување, коишто се разгледуваат на повеќе нивоа во Народната банка, пред да се достават до највисокото раководство како предлог за одлучување. Затворањето на банка, којашто не ги исполнува минималните законски услови за работа е законска обврска на централната банка и во никој случај не може да се должи на нечија субјективна оцена.

Банките се витален дел на секоја економија и нивните управувачки структури имаат многу поголема одговорност од раководните структури на нефинансиските институции, од едноставна причина што управуваат со средствата на своите депоненти. Корпоративното управување на банките треба да се темели на интегритет, професионалност и исклучителна одговорност при носењето на секоја одлука. За жал, има ситуации, како оваа во којашто банка се соочува со сериозни проблеми, а исходот е нејзино затворање. Субјектите кои не работат на здрави основи и кои и покрај мерките и укажувањата од регулаторот не можат да ги исполнат законските барања, мора да бидат исклучени од системот – како што налага и законот. Тоа е во интерес и на економијата и во функција на заштита на довербата во банкарскиот систем. Ниеден регулатор во глобални рамки не дозволува спротивно на законот да работат банки коишто може да го контаминираат банкарскиот систем и да ја нарушат довербата на којашто се темели неговото работење.

Дали гледате некои промени во перцепциите на граѓаните за банкарскиот систем предизвикани од овој настан? По 12 август има ли невообичаени повлекувања на депозити?

Засега не можеме да забележиме сигнали за неповолни промени на перцепциите. Располагаме со високофреквентни дневни податоци, коишто за август, на месечна основа покажуваат одредено зголемување на вкупните депозити во банкарскиот систем. Воедно и на девизниот пазар, не можеме да забележиме некои невообичаени тенденции што би упатувале на поголема склоност за располагање со девизи. Оттука, тековите се стабилни, и како што и очекувавме, овој настан нема поголеми ефекти врз банкарскиот систем или врз однесувањето на депонентите.

Во неколку наврати, Народната банка апелираше да не се шират шпекулации за банкарскиот систем и укажуваше на потребата за објективно известување на јавноста. Како гледате на објавите во коишто, како што посочивте, се пласираат шпекулации?

Перцепцијата за банкарскиот систем и довербата во него е основата на којашто тој функционира. Оттаму објективните и веродостојни информации се исклучително важни за зачувување на неговата стабилност. Затоа, мислам дека е неразбирливо што во изминатите неколку недели се пласираа и општествено неодговорни и шпекулативни изјави поврзани со одделни банки, банкарскиот систем во целина, како и со одлуките на Народната банка. Еден таков пример се објавите со решението за одземање на согласноста дадена на „Еуростандард банка“ за вршење само на одредени финансиски активности – на пример кредитирање во странство, тргување со хартии од вредност на странски пазари итн. донесено на 1 јуни, коешто не е решение за затворање на Банката како што беше претставувано. Со него само се одзеде согласноста за вршење на неколку финансиски активности за коишто некои банки и воопшто не побарале и немаат согласност. Одземањето на согласноста за тие финансиски активности не подразбира дека по некаков автоматизам се укинува и дозволата за основање и работење на банка како што беше толкувано во некои од објавите. Сметам дека треба да бидеме општествено одговорни кон сето она што е од клучно значење за граѓаните и општеството, економијата и државата, како што е и стабилноста на банкарскиот систем, и притоа своите видувања да ги базираме на објективни и проверени информации. Народната банка е транспарентна институција. Постојано сме достапни за информации или за проверка на нивната веродостојност, па и оттаму не постои никаква потреба за пласирање на неточни или шпекулативни информации во јавноста поврзани со нејзиното работење.


Администратор
19/09/2020 13:36