Палестинскиот амбасадор во Белград, Мухамед Набан, на денешната средбата со српскиот претседател Александар Вучиќ му пренесе дека оваа земја со загриженост ја примила веста за можното преместување на српската амбасада од Тел Авив во Ерусалим, јави дописникот на МИА од Белград.

Амбасадорот Набхан изрази уверување дека раководството на Србија „во духот на традиционалното пријателство“ ќе ги почитува ставовите на палестинскиот народ, соопштија од Кабинетот на претседателот на Србија.

Вучиќ го информираше палестинскиот амбасадор за разговорите што српската делегација ги имаше во Вашингтон и Брисел.

Тој му порача на амбасадорот Набхан дека Србија го почитува и чува пријателството со Палестина и палестинскиот народ и дека го поддржува воспоставувањето траен мир и стабилност на Блискиот исток.

-Србија е посветена на подобрување на односите и со Израел и со Палестина и сака одржливо решение засновано врз меѓународно-правните норми утврдени во Обединетите нации, што ќе донесат мир, стабилност и напредок на сите, кажа претседателот Вучиќ.

По потпишувањето на Вашингтонскиот договор, Набхан за магазинот НИН изјави дека Србија секогаш ја почитувала Резолуцијата 1244 и дека очекува да се почитува и Резолуцијата 478.

Тој исто така изјави дека верува оти Вучиќ сметал дека планот од договорот ќе се реализира само кога ќе се реши израелско-палестинскиот конфликт со воспоставување палестинска независна држава на сите окупирани територии, кои Израел ги окупирал во 1967 година.

-Јас сум изненаден и од Приштина, поради ваквиот договор, на која 57 земји од Арапската лига и Исламската организација за соработка може да го повлечат признавањето,кажа Набхан.


Администратор
15/09/2020 16:53