Актуелната шампионка на Ролан Гарос, Ешли Барти нема да настапува на овогодинешниот Гренд слем турнир подоцна овој месец, поради загриженост за коронавирусот и недостаток на добра подготовка и тренинзи.

– Донесов тешка одлука, но за жал нема да учествувам во Европа оваа година. Минатогодишниот Ролан Гарос беше најспецијалниот турнир во мојата кариера, па затоа не е лесна одлука. Постојат две причини за мојата одлука – првата е поврзана со здравствените ризици кои сè уште постојат со коронавирусот. Вториот е мојата подготовка, која не е совршена без мојот тренер. Тој нема можност да тренира со мене поради затворањето на границите во Австралија, рече австралискиот број 1 во светот во изјавата на Инстаграм.

Барти ја освои титулата во Париз минатата година, откако ја победи Чехињата Маркета Вондрушова. 24-годишната тенисерка живее во Квинсленд, кој е релативно успешен во контролата на инфекцијата и ги затвори своите граници кон понаселените југоисточни градови, каде има повеќе нови случаи. „Тенис Австралија“ ќе се обиде да закаже повеќе турнири за играчи во земјата од декември, покрај традиционалните натпревари за загревање, за да им овозможи на играчите да се подготват за Австралија опен во јануари.

– Сега се радувам на долгиот предсезонски тренинг и летото во Австралија. Годината беше предизвик за сите и иако сум разочарана во однос на тенисот, здравјето и безбедноста на моето семејство и тимот секогаш ќе бидат мој врвен приоритет, заклучи Барти.

Ролан Гарос првично беше закажан за мај, но беше преместен за периодот 27 септември – 11 октомври поради пандемијата на коронавирус.


Администратор
08/09/2020 12:27