Довербата што постојано ја добиваме од нашите корисници ни говори дека во А1 гледаат доверлив партнер за сите услуги кои им се ставени на располагање и нивното секојдневие го прават уште поквалитетно и поедноставно.Таа доверба, за нас како компанија останува постојана инспирација за континуирана работа и посветеност во овозможување и усовршување на врвно корисничко искуство, вели во интервју за МИА Методија Мирчев, извршен директор на телекомуникациската компанија А1 Македонија, точно една година по стартот со работа под новиот бренд.

Во изминатиов период, потенцира Мирчев, докажавме дека воведувањето на новиот бренд не беше само промена на логото и дизајнот, туку значеше стратегиска промена која влијаеше на сите сегменти во работењето и промена која значеше пресретнување на сите комуникациски потреби на нашите корисници. Воведовме значајни промени во концептот на работа во продажните салони, воведовме нови, модерни и софистицирани дигитални алатки, модерна инфраструктура, континуирано работиме на усовршување и обезбедување врвна мрежа и премиум корисничко искуство, со што групациската синергија стана уште повидлива.

Според Мирчев, во периодот на КОВИД кризата се адаптирале, одговориле брзо и успеале да бидат поддршка и партнер на корисниците кога најмногу им беа потребни. Нотирале значајно зголемување на интернет сообраќајот, двојно зголемен обем на говорен сообраќај и мобилен интернет како резултат на прилагодувањето на компаниите со работа од дома и останувањето на нивните корисници дома согласно со мерките за заштита. Ги презеле сите мерки за обезбедување телекомуникациска мрежа која на сигурен и стабилен начин обезбедува континиуитет на клучните услуги притоа имајќи ги предвид зголемените потреби.

Тоа што како компанија можат да го посочат и пренесат на јавноста како искуство од пандемијата, како што вели, е видливата промена на навиките на заедницата кои се префрлија на дигитални платформи.

-Работењето од дома и обезбедувањето континуитет на бизнисите е само почеток во трансформацијата. Оваа состојба ги става сите деловни субјекти пред предизвик да ја преиспитаат својата визија, како да обезбедат вредност за своите корисници во дигиталниот свет. Вредноста на дигиталните канали, продукти и операции во моментов е неопходност за сите компании. И нема да биде претенциозно ако кажам дека ова е повик за будење за сите субјекти кои досега не размислувале или ја одложувале дигиталната трансформација, а сите кои веќе ги применуваат дигиталните алатки или се префрлаат на дигитален начин на работа ќе обезбедат одржливост на своите бизниси, наведува извршниот директор на А1.

Во продолжение следи целото интервју со извршниот директор на А1 Македонија, Методија Мирчев.

-Г. Мирчев, пред точно една година, на 3 септември, официјално беше објавено новото име на компанијата, А1 Македонија и започна да работи под новиот А1 бренд. Од оваа дистанца, како јавноста го прифати А1 брендот и дали ги исполни дадените ветувања за своите корисници?

Промената што ја направивме пред една година беше значаен чекор не само за нас како компанија , туку и за нашите корисници и за целиот телекомуникациски пазар. Веќе една година сме присутни под заедничкиот бренд на нашата Групација – А1 Telekom Austria Group, моќен бренд етаблиран на повеќе европски пазари, а со тоа, нашите корисници добија исклучителна можност да бидат дел од големото А1 семејство со над 25 милиони корисници и со тоа да ги користат придобивките што произлегуваат од него.

Денес, А1 брендот буквално живее на нашите продажни места, во комуникацијата со нашите корисници, како и во нашата понуда, како за резидентниот, така и во бизнис сегментот. Довербата што постојано ја добиваме од нашите корисници ни говори дека во А1 гледаат доверлив партнер за сите услуги кои им се ставени на располагање и нивното секојдневие го прават уште поквалитетно и поедноставно. Таа доверба, за нас како компанија останува постојана инспирација за континуирана работа и посветеност во овозможување и усовршување на врвно корисничко искуство.

Во изминатиов период докажавме дека воведувањето на новиот бренд не беше само промена на логото и дизајнот, туку значеше стратегиска промена која влијаеше на сите сегменти во работењето и промена која значеше пресретнување на сите комуникациски потреби на нашите корисници. Воведовме значајни промени во концептот на работа во продажните салони, воведовме нови, модерни и софистицирани дигитални алатки, модерна инфраструктура, континуирано работиме на усовршување и обезбедување врвна мрежа и премиум корисничко искуство, со што групациската синергија стана уште повидлива.

– Дигитализацијата длабоко навлегува во секојдневниот живот, а А1 Македонија, активно ги пресретнува потребите на новото време. Извесно време функционира и А1 Live Shop, првата и единствена виртуелна продавница во земјава. Што говорат овие новитети за А1 брендот?

Свесни сме дека титулата носител на процесот на дигитализација носи со себе огромна одговорност кон нашите корисници и заедницата воопшто и затоа како компанија активно работиме на креирање и воведување портфолио кое не само што ќе ги задоволи потребите за постојана и непречена комуникација туку и ги пресретнува потребите на новото време.

Во таа насока, воведовме и унапредивме низа дигитални алатки со цел корисниците да добијат уште повеќе бенефиции и пристап до дигиталниот начин на живеење. Ексклузивно на пазарот ја претставивме првата и единствена виртуелна продавница – А1 Live Shop, вложуваме во изградба и усовршување на сопствената мобилна и фиксна мрежна инфраструктура, постојано работиме на усовршување на конвергентното портфолио на компанијата, ја унапредивме апликацијата Мојот А1 и воведовме нови функционалности преку кои корисниците имаат уште потранспарентни информации за сите услуги што ги користат, го воведовме Smart Home, паметен систем за управување со електричните уреди во домаќинството, со цел зголемување на удобноста во секојдневното живеење, сигурноста и безбедноста, инвестираме во развој на иновативни услуги и решенија за деловни и резидентни корисници со говорни, интернет, телевизиски и ICT услуги.

-По повод првиот роденден, креиравте и специјална понуда за корисниците? Што ново донесе А1 овојпат?

Нашите корисници биле и остануваат наша постојана инспирација и сè на што работиме има единствена цел – врвна услуга која ќе ги задоволи и најпребирливите.

Затоа ги креиравме и воведовме најновите Combo тарифни модели како најдобра конвергентна понуда на македонскиот пазар со која корисниците добиваат можност сами да ја креираат според своите комуникациски потреби. Со спојување на фиксните услуги како интернет и телевизија и мобилната телефонија во еден пакет, нашите корисници добиваат огроми придобивки не само во форма на значителна заштеда како и дополнителен буџет за набавка на нов уред, туку и врвно корисничко искуство.

Со цел да одговориме на потребата на нашите корисници за непречена комуникација го зголемуваме вклучениот интернет во сите тарифни модели и ја лансиравме најдобрата понуда на пазарот преку новата мобилна тарифа А1 Neo M+ со вклучени дури 30 GB мобилен интернет.

Нашата иновативност ја докажуваме и со надградување на функционалноста на A1Net sef со воведување уште еден новитет Единствено на европскиот пазар нашите корисни на мобилни услуги добиваат можност не само да го зачуваат интернетот и да го одложат неговото користење туку неискористенте GB да ги заменат за друга услуга како интернет во странство, меѓународни разговори итн.

Овој значаен момент го прославуваме заедно со нашите корисници и по повод 1 година од воведувањето на А1 брендот, на сите наши мобилни корисници им подаруваме дополнителен пакет со 10 GB мобилен интернет кој можат да го преземат преку апликацијата Мојот А1.

-Вие веќе седум месеци сте на позиција Извршен директор во А1 Македонија, период во кој се спроведуваа многу активности под новиот А1 бренд, но истовремено и се работеше во услови на пандемија со КОВИД-19. Што значеа за вас овие предизвици од аспект на менаџирање и колку Ви помогна во тоа претходното искуство во мултинационалните компании?

Многу работи се променија и за вработените, за компанијата и за светот воопшто во изминативе месеци. Да, се согласувам дека моето доаѓање на функцијата не беше по сите стандарди за преземање на водечката улога во компанија, имајќи предвид дека уште на самиот старт се соочив со предизвици кои беа тековни во работењето на компанијата, а набргу, речиси паралелно светот и земјата беа зафатени од пандемијата на новиот вирус. Примопредавањето на работните задачи и скринингот на компанијата се одвиваше во паралела со подготовките за работа во вонредни услови. Поради долгогодишното искуство во сферата на телекомуникациите, се наоѓав на познат терен, но најголемата предност беа членовите на А1 тимот со кои заеднички ја оспособивме компанијата и нејзините операции да се одвиваат непречено во вонредни услови. Нивото на професионалноста, свеста и совеста што секој еден вработен ја покажува во овој период говори за тим кој знае да застане смело пред сите предизвици, да ги има предвид потребите на своите колеги и пред сè на нашите корисници и заедницата воопшто, на што сум особено горд.

Од аспект на претходните искуства во мултинационални компании, би рекол дека ниту едно искуство не може да ве подготви на криза од размерот на корона-кризата. Но она што би можел да го потенцирам е дека иновацијата е движечка сила во која било индустрија. Не само од аспект на производство или градење бренд, туку во секој сегмент на работењето. Па така и во услови на пандемија со КОВИД-19, тоа што го нудат телекомуникациите како област е на едно поинакво ниво бидејќи станува збор за индустрија која креира иновации кои го трансформираат светот.

– Како A1 одговори на промените за работа во услови на КОВИД криза, за јакнење на мрежните капацитети и одржување на стабилност на интернет сообраќајот, ангажман на вработените, планираните инвестиции?

Уште првите регистрирани случаи на коронавирус во Европа го вклучија алармот за нас како компанија и реакцијата на почетокот беше многу едноставна – најпрво се насочивме кон обезбедување најдобри услови и превентива за заштита на вработените од можност за евентуална зараза и во тој момент започна нашето прилагодување кон новото нормално. Имено, обезбедивме услови за непречено изврушување на работата во вонредни услови, па така и покрај тоа што дури 80 проценти од колегите работеа од дома , ниту еден процес не беше загрозен и не дозволивме корисниците да ја почувствуваат оваа промена.Истовремено, колегите во продажните салони претпазливо и со многу внимание кон себе и корисниците, останаа во првата линија работејќи посветено во интерес на нашите корисници, како и колегите од техника кои беа целосно предадени на обезбедување на сите потребни услови за беспрекорно функционирање на мрежата.

Всушност, во деновите на криза се докажа дека телекомуникациите се една од клучните инфраструктури, а услугите што ги овозможуваме се од витално значење. Комуникацијата преку интернет и телефон значи да сме во контакт со оние кои ни се најважни, а притоа, функционирајќи на далечина го заштитуваме својот и животите на другите. Во тој период нотиравме значајно зголемување на интернет сообраќајот, двојно зголемен обем на говорен сообраќај и мобилен интернет што беше резултат на прилагодувањето на компаниите со работа од дома и на останувањето на нашите корисници дома согласно мерките за заштита. Ги презедовме сите мерки за обезбедување телекомуникациска мрежа која на сигурен и стабилен начин обезбедува континиуитет на клучните услуги притоа имајќи ги предвид зголемените потреби. Сè на сè, би рекол дека се адаптиравме, одговоривме брзо и успеавме да бидеме поддршка и партнер на нашите корисници кога најмногу им бевме потребни.

-Како се одрази кризата на целокупното работење на компанијата, но и на македонската економија воопшто?

Последиците од КОВИД–19 се чувствуваат глобално, а кревката македонска економија секако не е имуна ниту изолирана. Тоа што ние како компанија можеме да го посочиме и пренесеме на јавноста како искуство од пандемијата, е видливата промена на навиките на заедницата кои се префрлија на дигитални платформи. Во многу компании кои до скоро ја избегнуваа дигитализацијата, имаа отпор кон неа или чекаа да дојде вистинскиот момент, сега кризата го поттикна овој процес, сите нè трансформира и ја креира агендата и приоритетите на компаниите без разлика на нивната големина во пресретнувањето и обезбедувањето на услови за работа на далечина. Но, работењето од дома и обезбедувањето на континуитет на бизнисите е само почеток во трансформацијата. Оваа состојба ги става сите деловни субјекти пред предизвик да ја преиспитаат својата визија, како да обезбедат вредност за своите корисници во дигиталниот свет. Вредноста на дигиталните канали, продукти и операции во моментов е неопходност за сите компании. И нема да биде претенциозно ако кажам дека ова е повик за будење за сите субјекти кои досега не размислувале или ја одложувале дигиталната трансформација, а сите кои веќе ги применуваат дигиталните алатки или се префрлаат на дигитален начин на работа ќе обезбедат одржливост на своите бизниси. Дури и малите и средни компании кои се занимаваат со услужна дејност го прифаќаат и имплементираат дигиталниот начин на работа. Сведоци сме на експанзија на онлајн купување на секаков вид производи, од прехранбени производи, облека, техника итн. Искрено се надевам дека олеснувањето на мерките ќе ги врати во кондиција бизнисите бидејќи на економијата ѝ требаат стабилни деловни ентитети и нивен развој сè со цел да почне оживувањето и стабилизирањето на економијата во земјата. Но сега, кога толку јасно се покажува неопходноста и погодностите на дигиталните алатки, нема враќање назад.

Свесни за тоа, се стремиме преку нашата понуда да овозможиме нашите бизнис корисници својата канцеларија да ја носат секаде со себе, а со тоа да добијат многу поголема брзина во извршувањето на своите деловни зделки и остварување бизнис контакти. Фокусирани сме на бизнис заедницата да понудиме едноставни и безбедни дигитални решенија, па покрај конвергентната понуда која е повеќе за деловни корисници од сите сегменти, мали, средни и големи компании, нудиме и фиксни и мобилни услуги, но и нови ИКТ продукти и услуги. Воведуваме стандардни, но и нови, нестандардни услуги односно tailor made понуди за големите компании. Claud решенија, software as a service, конективити услуги, безбедносни системи и IP централи. Покрај развојот на новата Clоud платформа, заедно со A1 групацијата и А1 Digital развиваме нови производи кои треба го надополнат корисничкото искуство и да придонесат за уште подобро искуство. Го збогативме портфолиото на ИКТ услуги со дигитални решенија па така ги воведовме A1 Cloud Messaging, Апликација за масовно испраќање на Viber и mail пораки и други ICT дата центар услуги што овозможуваат користење на виртуелна Cloud инфраструктура во земјата и во европски дата центри (Exoscale). Она што сакам да го потенцирам е дека знаеме и свесни сме дека бизнис заедницата се соочува со голем предизвик да ги одржи своите операции и затоа во нашите деловни корисници не гледаме само бројка туку градиме партнерски однос се со цел да добијат понуда што ќе одговара на нивните бизнис потреби и брза и ефикасна услуга бидејќи знаеме дека нивната ефикасност во овие услови е најскапоцена.

-Каков е планот за оваа година? Ќе се променат ли некои финансиски планови и ќе има ли ревизија на плановите за инвестиции со оглед на новата ситуација со пандемијата?

Соочени сме со состојба која наметнува зголемено користење на интернет и говорни услуги, а со самото тоа и зголемена потреба од дигитални алатки и канали за комуникација. Сето тоа движи во насока на инвестиции за одржување и унапредување на мрежните капацитети со кои располагаме. Притисокот што го чувствуваат сите корисници и деловни субјекти ќе влијае и на нашиот перформанс. Конкретно чувствуваме притисок во сите сегменти, како на пример во роаминг приходите поради намалениот број на посетители во државата, намалени се приходите од сите VAS услуги, а одложениот инвестициски циклус во компаниите секако во суштина ќе биде голем предизвик за нашиот биланс на успехот. Сепак, остануваме посветено да работиме на градење на продуктното портфолио во кое ќе се пронајдат сите оние кои сакаат непречена комуникација и разновидни содржини.


Администратор
03/09/2020 16:06