Меѓународниот ден на млади, 12 август, е посветен на проблемите на младите низ светот, но и датум со кој се укажува на можностите на младите за придонес кон промените во општеството.

Темата на овој ден во 2020 година, инаку востановен од страна на ООН, е младинското учество на локално, национално и глобално ниво во работата на националните и меѓународните институции, како и поголемо учество и јакнење на улогата на младите кога е во прашање креирањето на политики, формулирањето на закони и примената.

Во оваа прилика најавуваме дека во периодот кој претстои ќе ги презентираме препораките и забелешките во однос на локалните младински совети и нивното функционирање низ Македонија, кои ги изработија правните тимови на Хрватски Форум и МХД, во соработка со експертите – членови на Програмскиот совет на ХФ.

Документот чија подготовка е во завршна фаза има за цел да ја претстави законската регулатива поврзана со младинското учество на локално ниво и локалните младински совети, да понуди препораки и решенија за што поефикасно функционирање, како и да утврди критериуми, приоритети и прашања кои се од исклучително значење за начинот на функционирање и за самото младинското учество.

Овозможувањето на вклучување на младите во формални и неформални политички механизми и процеси ќе го намали демократскиот дефицит, ќе го развие плурализмот на мислења и интереси, што придонесува за подобри и одржливи решенија, а преку што ќе се влијае и кон враќање на довербата во институциите, посебно кај младите.

Сепак, овој ден не смее да биде ден кога само се потсетуваме на една категорија од популацијата, туку ден кој потсетува дека секој ден е ден на младите – затоа што младите се иднината.


Администратор
12/08/2020 15:20