Образовните институции имаа доволно време да дејствуваат и да преземат конкретни мерки и чекори кои барем малку ќе влеваат доверба кај родителите. Шест месеци се период во кој Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието можеа и требаше по неколку пати да ги обиколат училишните објекти во секое населено место и град и заедно со општините и менаџментот на училиштата одамна да ги имаат мапирано сите потенцијални проблеми и предизвици, но и најдено решенијата буквално за секој ученик поединечно.

Ова во интервју го потенцира Бојан Кордалов, специјалист за односи со јавност и нови медиуми, со кого разговаравме за тоа кој е најдобриот начин за почеток на новата учебна година во нашата земја.

Во интервјуто Кордалов говори и за тоа колку навистина онлајн учењето кое произлезе од коронакризата беше онлајн и за тоа како всушност коронакризата ја извади на виделина некако подзаборавената потреба од дигитализација на сите сфери на општественото живеење, па така и на образовниот процес.

-Искрено, какво било оправдување зошто ова не е спроведено на овој начин јас не можам да најдам, но крајно време е надлежните во образованието да сфатат дека на тема образование не смее да има импровизации и изговори. Ако се дејствуваше брзо и ефикасно, немаше да се создадат толкави противречности и спротивставеност помеѓу поддржувачите на онлајн учењето и родителите кои ја преферираат наставата во училница, вели Кордалов во интервјуто.

Нагласува дека се потребни темелни реформи во образованието, но кои во средиштето ќе ги стават навиките и потребите на новите генерации, а тука интернетот и дигитализацијата играат огромна улога.

Потсетува дека пред само неполн месец Евростат соопшти дека 64 проценти од младите во земјава имаат основни или нешто подобри дигитални вештини, а за споредба, бројката во Хрватска изнесува 97 проценти, што значи дека заостануваме за цела третина пред оваа држава.

-Мислам дека со оваа официјална европска статистика најдобро се насетува данокот кој за брзо ќе треба да го плаќаме сите, а е предизвикан од децениското невложување во образованието и неговата дигитализација. Или едноставно кажано, ова е очекуван резултат од земја чии образовни институции одбивале или не успеале да изградат образовен систем базиран на дигитализацијата, односно на потребите и навиките на учениците и студентите, вели меѓу другото Кордалов.

МОН неодамна излезе со план за новата учебна година, кој содржи протоколи за трите модели на настава – присуство во клупите на дистанца и со заштитни маски, онлајн-настава преку е-платформи и комбинирано учење со ротации на учениците на одреден период. Владата го усвои планот и тој ќе оди во Комисијата за заразни болести. Министерот Филипче вчера изјави дека став на Комисијата е онлајн настава, освен за првооделенците. Со оглед на состојбата со коронавирусот, според Вас кој е најповолниот модел за нашата земја?

Независно од финалната одлука на кој начин ќе се учи во новата учебна година, мислам дека е клучно што конечно МОН послуша и високо на агендата ги стави сите три сценарија за одржување на настава: во училишните клупи, онлајн настава, како и комбиниран модел. Тоа е големо поместување напред бидејќи ваквиот пристап несомнено ќе води кон промени во образованието и излегување од децениското бавно прилагодување на новитетите и трендовите во образованието, кои во голема мера се засноваат на дигитализацијата и новиот начин на кој растат денешните основци и средношколци.

Независно од финалната одлука на кој начин ќе се учи во новата учебна година, мислам дека е клучно што конечно МОН послуша и високо на агендата ги стави сите три сценарија за одржување на настава: во училишните клупи, онлајн настава, како и комбиниран модел.

Апсолутно сметам дека сите три модели за учење треба да останат во оптек, а здравствените авторитети мора да бидат тие кои стручно, но и транспарентно ќе одлучат на следниов начин: Да одредат конкретна бројка на заболени која доколку не се надмине ќе значи спроведување на редовна настава во тие општини. Доколку бројот на заболени порасне и достигне поголема конкретна бројка која ќе ја одредат, тоа да значи организирање на комбинирана настава во тие општини. И на крајот, во третото сценарио да одредат и јавно да соопштат бројка која доколку се достигне ќе значи веднаш престројување и одржување на онлајн настава.

Мора да ни биде јасно дека доколку не се создаде научно базиран принцип на носење на одлуки кој ќе биде транспарентно претставен пред целокупната јавност, можеме само да очекуваме раст на спротивставените мислења помеѓу граѓаните, па и големи незадоволства.

Знаете како, оваа пандемија предолго трае. Секако дека никој не сноси вина поради тоа. Но, институциите се тие кои мора да направат сè што можат да ги ублажат последиците, да бидат визионери во носењето на одлуките и да се стават целосно во сервис на граѓаните.

Сепак, образовните институции имаа доволно време да дејствуваат и да преземат конкретни мерки и чекори кои барем малку ќе влеваат доверба кај родителите. Шест месеци се период во кој МОН и БРО можеа и требаше по неколку пати да ги обиколат училишните објекти во секое населено место и град и заедно со општините и менаџментот на училиштата одамна да ги имаат мапирано сите потенцијални проблеми и предизвици, но и најдено решенијата буквално за секој ученик поединечно.

Искрено, какво било оправдување зошто ова не е спроведено на овој начин јас не можам да најдам, но крајно време е надлежните во образованието да сфатат дека на тема образование не смее да има импровизации и изговори. Ако се дејствуваше брзо и ефикасно, немаше да се создадат толкави противречности и спротивставеност помеѓу поддржувачите на онлајн учењето и родителите кои ја преферираат наставата во училница.

Дополнително, потребни се темелни реформи во образованието, но кои во средиштето ќе ги стават навиките и потребите на новите генерации. А, тука интернетот и дигитализацијата играат огромна улога. Со една реченица, мораме да се менуваме како општество и да бидеме многу поотворени за различни можности и избор кој ќе можат да го прават родителите и учениците и надвор од оваа коронакриза, а ќе се однесува на типот на настава кој индивидуално секој го преферира.

Онлајн наставата која се спроведуваше во претходната учебна година, многумина не ја карактеризираат како онлајн, бидејќи во голем број случаи се сведуваше на домашни задачи испратени на мејл, а децата сами дома требаа и да го совладуваат материјалот, за потоа да одговорат на домашните задачи. Колку нашето општество е подготвени за онлајн настава?

– Како општество во целина се плашиме од промени. И апсолутно не мислам дека граѓаните се виновни за тоа, туку политичарите и дел од носителите на позиции во јавните институции кои како постојано да бараат начин работите да останат непроменети со цел дел од нив да можат вечно да ги задржат своите привилегии. И правејќи го токму ова, веќе три децении не спроведуваме брзи и одржливи реформи во сите витални сфери на општеството, вклучувајќи го тука и образованието.

Коронавирусот не ни даде избор. Напротив, ни покажа дека веќе не можеме да одложуваме одредени работи и ќе мораме брзо да се менуваме и прилагодуваме. И доколку претходно имавме повеќе од деценија да воведеме можност за онлајн образование и негова дигитализација, сега мораме тоа да го направиме за неколку недели или месеци. Повторно изборот е наш: ќе продолжиме да губиме време на дебати дали дигитализацијата носи предности или ќе почнеме да дејствуваме и да се менуваме. Впрочем, дозволете ми повторно да потсетам и дека доколку не беше дигитализацијата и онлајн наставата ниту еден ученик немаше да земе свидетелство за завршено образование во учебната 2019/20 година. Студентите во минатиот семестар немаше да положат ни еден испит, а да дипломираат, магистрираат или докторираат во овој период немаше да стане воопшто збор ако по брза постапка не се воведеше онлајн студирањето.

Мислам дека мораме да ги разбереме родителите. Особено МОН и БРО треба да изразат целосно разбирање за сите родители, па дури и за нивниот револт од веќе задоцнета одлука на кој начин ќе се продолжи со учењето. Знаете како, се работи за нивните деца, но и за иднината и кариерата на родителите. Не е едноставно да не можете да планирате како да се организирате од септември. Дали ќе одите на работа или, пак, ќе седите дома и ќе треба да учите заедно со своите деца. Или, пак, и да работите од дома, и да учите со своите деца и во исто време да ги задоволите сите други потреби кои ги бара детската возраст и одржувањето на домот.

Тоа е тешка улога и токму затоа надлежните мора да им помогнат на родителите, нивните деца и да се дејствува побрзо и поорганизирано. Згора на сè, треба да се внимава многу и за нивното здравје, но и здравјето на наставниот кадар и сите други вработени во училиштата и универзитетите.

Може најпрво да звучи комплицирано, но токму тоа е задачата на надлежните во образованието. Да направат се што споменавме да биде остварливо. Да имаме беспрекорен образовен процес, а истовремено никој да не биде изложен на опасноста од зараза предизвикана од коронавирусот. На крајот на краиштата, затоа надлежните земаат плата од граѓаните, да ја креираат образовната политика и во вакви вонредни околности и да направат нештата да функционираат беспрекорно.

Затоа се враќам на трите сценарија. Потребно е секој наставник да има показни вежби во кои ќе ги испробува сите сценарија, сè додека не ги усоврши и не се успее да се постигне брза трансформација. И само на овој начин ќе може да се согледаат проблемите и предизвиците кои се специфични за секоја општина, училиште, па дури и одделение.

Во спротивно, ако не постапиме на овој начин, сите ќе сведочиме на уште една импровизација во која секоја единка вклучена во образовниот процес ќе го дава својот максимум, но севкупниот резултат од новата учебна година во голема мера ќе биде пропуштено знаење за учениците и студентите. Можеби ќе добијат свидетелства и индекси полни со добри оценки, но ќе недостига знаење. Тоа би било погубно да ни се повтори.

Со далечинската или онлајн наставата се отвори прашањето и за стручната подготовеност на наставниците за ваков начин на работа. Во онлајн анкетата на МОН, УНИЦЕФ и Реактор мнозинството наставници се изјасниле дека имаат потреба од обука за користење на образовна технологија. Ваш коментар?

– Ова е процес во кој ќе мора најповиканите во Владата да решат дали во прв план ќе ги стават интересите на учениците, студентите и посветените наставници и професори или, пак, приматот ќе го задржи наставниот кадар кој не сака да се менува и прилагодува на дигитализацијата и новите трендови и предности кои со себе ги носи новиот образовен систем. И тука мора брзо да се дејствува и конечната одлука јавно и транспарентно да се каже и што е поважно, да се покаже на дело.

За жал, факт е дека и во овој дел го плаќаме данокот што повеќе од цела деценија не вложувавме во вистинска и одржлива дигитализација на образованието и воведување на содржини за одвивање на наставата со помош на дигитални алатки и платформи кои ќе го доближат воспитно образовниот систем до учениците. А, ако почневме навремено да го правиме тоа, ќе беше многу повеќе инвестирано и во конкретни дигитални вештини за наставно-научниот кадар, а одамна секое училиште ќе имаше и по еден координатор/ка за спроведување на дигитализација во образованието. Таа личност секако немаше да биде наставникот по информатика, бидејќи тој/таа веќе си има своја наставна програма и обврски. Тоа мора да биде посебен вработен, личност на која ќе се потпрат сите останатите во училитето со цел поефикасно и темелно воведување на дигитализацијата во рамките на наставата. Истовремено ова одговорно лице ќе се грижи за целосно воведување на дигитализација на образованието на ниво на секое училиште и ученик во целата земја.

Подолго време апелирам и за воведување на унифициран курикулум за дигитална настава за време на секој час. Или, со други зборови, БРО да изработи листа на платформи, веб страни, онлајн апликации и слично кои наставниците или професорите ќе ги користат при нивната подготовка за часовите, како наставен материјал за време на предавањата, како и при изработката на домашните задачи од страна на учениците. На овој начин, секој ученик уште од најрана возраст ќе го научиме на дигитална писменост, односно ќе дадеме образование за цел живот кое истовремено како личности ќе ги направи и имуни на лажни вести, дезинформации и говор на омраза, а ќе ги мотивира да размислуваат критички и креативно.

Тука, би сакал и посебно да напоменам дека комуникациски убаво звучи кога ќе кажете дека носите одредена одлука врз основа на анкета, односно според она што мнозинството го мисли. Анкетите и испитувањето на јавното мислење се важни и легитимни, а на крајот на краиштата секој од нас ги користи како основа за препораки или носење на одлуки.

Но, дали се тие секогаш решението? Или колку е тенка границата меѓу чист популизам и вистинско вреднување на мислењето на граѓаните? Јас ќе се обидам во овој случај да го дадам одговорот на следниот начин. Замислете да направиме анкета дали граѓаните сметаат дека треба да се носат маски или да се држи дистанца со цел индивидуална заштита од корона вирусот. Па, според тоа да одлучиме дали ќе треба да ги почитуваме здравствените мерки и протоколи за заштита од Ковид-19?!

За мене, вакво едно сценарио е недопустливо и незамисливо. Онаму каде што науката зборува, редно е да се прифатиме дека треба да слушаме. Бидејќи тоа е за доброто на секој од нас, за заштита на нашето здравје и животите на нашите блиски.

Од овие причини мислам дека повикувањето само на анкети во носењето на одлуки ќе ја влоши комуникацијата која се гради со граѓаните, ќе придонесе за чувство на мајоризација, односно создавање на мислење дека постојат привилегирани и игнорирани сограѓани. А, на овој начин нема да се постигне целта која е и мора да биде инклузивно, напредно и модерно образование.

Дали сметате дека и самиот образовен систем треба да претрпи измени во насока на усогласување со новите трендови, без разлика на пандемијата. Децата во основните училиштата многу малку развиваат дигитални вештини, а живееме во дигитален свет?

– Не мислам дека имаме многу избор. Барем ако како општество им мислиме добро на овие генерации. Затоа, се надевам дека исцрпувачките дебати на тема дали ни треба дигитализирано образование во ера на дигитализација веќе се зад нас. Бидејќи од самата реченица произлегува и апсурдноста на вака поставената дилема.

Често сакам како одговор на ова да потенцирам дека и јас сум од оние генерации кои детството и образованието го поминаа учејќи само од книга и кои позајмуваа лектири од библиотеките. Генерации кои игравме детски игри како што се: џамлии, грабни стапче, граница, трчавме по училишниот двор, излегувавме да играме сервис на мали голови, тенис, а подоцна и пинг понг… Немавме мобилни телефони и беше навистина вистински предизвик да смислиме нова игра или содржина која ќе ја воведеме за да го исполниме квалитетно и креативно нашето време. И да, убаво беше. И носталгичен сум по тоа време, како и огромен број на други луѓе…

Но, постои едно големо НО. Денес, генерациите деца се раѓаат и растат со мобилните телефони, интернетот, апликациите за забава, музика, дружење итн. Тоа е факт. Исто како што е факт дека враќање назад од процесот на дигитализација нема да има, туку само повеќе ќе се продлабочува.

И доколку го знаеме ова и конечно сите го прифативме, сметам дека крајно е време да почнеме да вложуваме во вистинско дигитално образование. Со наједноставно зборови, кредата и сунѓерот да ги замениме со интерактивни училишни табли, а наставните содржини да ги исполниме со веб платформи и апликации кои децата ги користат или, пак, кога ќе се воведат, ќе бидат интересни за нивната возраст и ќе им го предизвикаат вниманието што ќе придонесе полесно и подобро да се едуцираат.

Влогот во иднината води единствено преку инвестирање во денешните деца и млади генерации. Ако мислиме на перспективата на нашата земја, но и на целиот свет, должни сме да создаваме лидери кои ќе можат да донесат позитивни промени. А, во оваа алка, образованието ја игра клучната улога.

Впрочем, ајде да дадеме само еден пример. Замислете како во иднина би се справиле сегашните студенти по медицина со некој нов коронавирус, ако не добијат квалитетно образование денес?!

Какво е нивото на дигиталната писменост во земјава, споредено со земјите од ЕУ, дали може да кажеме дека имаме дигитално писмени генерации?

– Пред само неполн месец, Евростат соопшти дека 64 проценти од младите во нашата земја имаат основни или нешто подобри дигитални вештини. Само за споредба, бројката во Хрватска изнесува 97 проценти или ние заостануваме за цела третина пред оваа балканска земја.

Мислам дека со оваа официјална европска статистика најдобро се насетува данокот кој за брзо ќе треба да го плаќаме сите, а е предизвикан од децениското невложување во образованието и неговата дигитализација. Или едноставно кажано, ова е очекуван резултат од земја чии образовни институции одбивале или не успеале да изградат образовен систем базиран на дигитализацијата, односно на потребите и навиките на учениците и студентите.

Мислам дека нема посилен показател од овој дека дигитализацијата како тема не смее ни ден повеќе да биде оставена во рацете на оние кои шират теории на заговор или кои сакаат само да ја користат како дневнополитичка тема за ловење на партиски рејтинзи. Дигитализацијата е од интерес на секого, а нејзиното одржливо спроведување води единствено преку креирањето на национална и натпартиска платформа на оваа тема. Убеден сум дека можеме и мораме ова брзо да го спроведеме!


Администратор
12/08/2020 10:35