Обилниот дожд, на моменти проследен со град, кој претпладнево го зафати дебарскиот регион не предизвика поголеми проблеми, потврдуваат надлежните.

Според нив, освен мали оштетувања на земјоделските култури, поради дождот присутна е појавата на помали одрони од камен на патните правци кон Маврово и кон Струга.

Поради одроните и влажните коловози од дебарската секцијата на „Македонија пат“ препорачуваат внмателно возење посебно по клисурата на река Радика.

– Има помали, но чести одрони од камен и земја. Нашите екипи се постојано на терен во нивно расчистување и сообраќајот се одвива без поголеми проблеми. Поради можноста од одрони, но и влажниот коловоз препорачуваме многу внимателно возење и строго почитување на патната сигнализација, порачуваат од секцијата.

Вообичаено, најчести се одроните кај селата Рајчица, Косоврасти и Јанче, месноста Ростушки Мост, потоа во близина на Бигорски манастир и месноста „Сенечки ливади”, на патниот правец Дебар – Маврово, како и кај месноста „Три чешми” на патот кон Струга, и месноста „Кокошкина краста” на патот Мелнички Мост-Центар Жупа.

Под надлежност на оваа секција се делниците Дебар – Жировница (патен правец Дебар – Маврово), Дебар – Глобочица (патен правец Дебар – Струга), патот кон граничниот премин „Блато”, кракот Бошков Мост кон селата на Мала Река, како и патот Мелнички Мост – Центар Жупа или над 110 километри.


Администратор
05/08/2020 17:59