Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и носител на листа во изборната единица 4 Александар Николоски вечерва од Кавадарци ги повика граѓаните на 15 јули да стават крај на продажбата на македонската историја од страна на Зоран Заев и СДСМ.

Слушам денеска Зоран Заев се шетал по градот и немал со кого да се поздрави. Отишол во Ваташа и 5 души го пречекале. Да бидам искрен и многу се затоа што истиот тој Зоран Заев се согласи да ја продаде историјата, белото да го направи црно, хероите да ги направи антихерои, жртвите да ги избрише. Тоа е тој Зоран Заев кој што не е добредојден ниту во Кавадарци, ниту во Ваташа. Тоа е тој Зоран Заев предавникот на македонската историја, изјави Николоски.

Николоски додаде дека со СДСМ на власт нема отворање на нови работни места, платите не растат, а нема ниту нови странски инвестиции истакнувајќи дека странските инвеститори не доаѓаат во држава во која што премиерот бара евро за брат му, евро за црква.

Нови работни места не се отвораат, на постојните работни места нема сигурност, платите не растат, домашни инвестиции нема, за странски да не зборувам. Три години една странска инвестиција не донесоа. Го слушам денеска Зоран Заев спинувал одредени мои изјави дадени пред два дена во Неготино па еве јавно тука од Кавадарци да го поканам утре да каже која странска инвестиција ја донесе Зоран Заев во Македонија. Една да каже, не 10, не 20, не 70, не 100 како што дојдоа во време на ВМРО-ДПМНЕ. Една странска инвестиција да наброи Зоран Заев кој што ја донел во овие три години. Јас ќе ви одговорам, таква нема затоа што странските инвеститори не доаѓаат во држава во која што премиерот бара евро за брат му, евро за таканаречената црква. Странски инвеститори во такви држави не доаѓаат, рече Николоски.

Имаше договорено странски инвестиции и во Кавадарци и за Прилеп кои што после доаѓањето на Зоран Заев на власт решија да ги променат сопствените одлуки и да инвестираат во други држави, дел од нив инвестираа во Србија, во Бугарија и во други држави. Тоа е тажната вистина за владеењето на Зоран Заев, порача Николоски

Многу добро се сеќавам дека и тој и неговите пратеници во македонското собрание додека јас бев пратеник, а бев до 2016 година пратеник, пења им фаќаше устата од напаѓање на странските инвестиции, се натпреваруваа меѓу себе кој повеќе ќе ги навреди министрите за странски инвестиции и оние кои што одеа од врата на врата, од земја до земја да привлекуваат странски инвестиции. Тоа го правеа пратениците на СДСМ, им беше криво дека доаѓаат странски инвестиции и дека народот се вработува. Во 2006 година кога победивме, невработеноста беше 40 проценти, секој втор невработен, со светска економска криза, која што Македонија не ја почувствува заради доброто економско работење, со европска должничка криза која што Македонија не ја почувствува заради доброто економско работење, државата падна под 20 проценти невработеност. Сега ветуваме за 4 години под 10 проценти невработеност како во сите развиени европски држави, истакна Николоски.

Прво и странските и домашните инвестиции во моментот се под опасност, затоа што системот е корумпиран и не можат да функционираат во корумпиран систем и не можат да работат затоа што секој функционер на Зоран Заев ги рекетира.

Втора работа има корона криза и во Македонија и во светот, се намалува економската активност, само во Криволак 50 луѓе ми пристапија кои што кажаа дека ја изгубиле работат. Тука треба да помогне државата. Македонија е држава која што дава најмала помош на инвеститорите, на пример нашите соседни држави даваат по 16, до 18 проценти од БДП, владата на Заев дава 2 проценти, затоа што им требаат другите за криминал. И затоа странските и домашните инвеститори не можат да ги задржат работниците затоа што немаат никаква помош а е намалена економската активност. Наместо да ги помага и поддржува тој измислува државна помош која што ја користи неговата фабрика Еленица која што прави милионски профити секоја година, како и омилениот ресторан за рекет Вила парк во Струмица. И затоа што има државна помош за Еленица и за Вила парк, нема за домашните и странски инвеститори и затоа се губат работни места, рече Николоски.

Николоски порача дека имиџот на ВМРО-ДПМНЕ е отворање на нови странски инвестиции и нови работни места, додавајќи дека во владата на ВМРО-ДПМНЕ министри за странски инвестиции нема да бидат министри кои што не знаат да кажат ниту една странска инвестиција, туку луѓе кои што се експерти и способни од Македонија и од дијаспората да дојдат во Македонија и да и помогнат за привлекување на странски инвестиции.

ВМРО-ДПМНЕ отвора работни места и фабрики, тоа е имиџот на ВМРО-ДПМНЕ, нагласи Николоски Остана ли овој бандит на власт, јас сум уплашен дека ќе се затвораат и други фабрики и други работни места и затоа на 15 јули треба масовно да се гласа за промени, да се отвораат а не да се затвораат работни места, за ВМРО-ДПМНЕ да дава поддршка на домашните и странските инвеститори, за да се отвораат нови работни места, истакна Николоски

Победа на ВМРО-ДПМНЕ на 15 значи нови работни места уште во месец август и во Кавадарци и во Неготино и во цела Тиквешија. Победа на ВМРО-ДПМНЕ значи најмалку три странски инвестиции во првите 100 дена. Победа на ВМРО-ДПМНЕ на 15 јули значи отворено Повардарие, откупено грозје, повисока цена, и значи нови странски инвестиции во Кавадарци. Јас ви го гарантирам тоа, ВМРО-ДПМНЕ ви го гарантира тоа.

Министер за странски инвестиции во владата на ВМРО-ДПМНЕ нема да биде Самка Ибраимовски, министер за странски инвестиции во владата на ВМРО-ДПМНЕ нема да е и онаа госпоѓа за која што никој не знае како се вика, а кутрата и сама не знае за што е министер, ја прашуваат новинари колку странски инвестиции има, прво долу гледа, па горе гледа, како дете кога не знае стихотворба во школа, таа нема да е министер за странски инвестиции.

Министри за странски инвестиции ќе се најспособните луѓе кои што знаат да донесат и носеле странски инвестиции, така што Зоран Заев поздрав од мене од Кавадарци, џабе ти е не го лажи народот со мене не можеше, со ВМРО-ДПМНЕ не можеше. Ќе те победиме на 15 јули, вели Николоски.

Николоски вети отворање на фонд од 200 милиони евра на на бескаматни кредити или револвинг односно обновливи кредити за отворање на мали и средни претпријатија за откуп на земјоделски производи.

Ветуваме фонд од 200 милиони евра на бескаматни кредити или револвинг односно обновливи кредити за да се разбие овој монопол на откупувачи и да можат да се отворат мали и средни претпријатија за откуп, вети Николоски.

Планираме 20 милиони секоја година, четири години 80 милиони евра за да се наводни Македонија, да се ревитализираат каналите, да се изградат нови, да се изградат мали брани и езера преку кои што ќе може да се наводнува македонската земја, посочи Николоски.


Администратор
04/07/2020 23:37