Американската амбасадорка Кејт Мари Брнз денеска во Јавното обвинителство на Република Македонија ја предаде донацијата од Соединетите Американски Држави, преку Бирото за меѓународна борба против наркотици и спроведување на законите (ИНЛ), во вредност од 35.000 американски долари како поддршка за намалување на ширењето на КОВИД-19.

-Ова е едно исклучително тешко време и навистина е импресивно како правосудните институции тука во Македонија продолжија да ги исполнуваат своите професионални задачи дури и во овие несекојдневни услови. Сакам да ги пофалам за нивната посветеност да ги заштитат животите на нивните вработени и на граѓаните. Мило ми е што ние можеме да помогнеме денеска со оваа донација, нагласи амбасадорката Брнз.

Донацијата има за цел, како што рече, да го запре ширењето на коронавирусот, но и да се обезбеди заштита на вработените и на граѓаните во овие важни инститиции.

-Ова се многу тешки времиња, а правосудството имаше импресивна улога во исполнувањето на своите обврски дури и во вакви уникатни околности. Знам дека Судскиот совет имаше неколку телеконференциски седници, а Основниот суд во Кавадарци одржа виртуелно судење, прво во земјата. Сите моравме да најдеме нови начини и преку дигиталната технологија додека фокусот е на заштита на здравјето на граѓаните, истакна Брнз.

Поддршката на САД во Македонија, како што посочи амбасадорката, е дел од нивната стратегија да се спасат животи и да се намалат ефектите на секундарното влијаните во земјите зафатени од коронавирусот.

Донацијата што ја предаде амбасадорката Брнз ја презедоа в.д. претседателот на Врховниот суд Фаик Арслани, државниот јавен обвинител Љубомир Јовески и директорот на Управата за извршување санкции Јовица Стојановиќ.

-Оваа донација доаѓа во вистинско време, во момент кога имаме потреба сите заедно да се бориме против пандемијата на КОВИД-19, рече Арслани.

Посочи дека донацијата е уште еден доказ за силната поддршка на САД во севкупните напори кои ги вложува државава и судството во целина во Република Македонија.

-На сите ни е јасно дека само со координиран пристап, солидарност и тесна соработка ќе ја добиеме оваа битка со многу опасниот коронавирус. САД се многупати докажан пријател и поддржувач. Тие се со нас во справувањето со сите досегашни предизвици, рече Јовески.

Справувањето со предизвиците кои ги носи глобалната здравствена, економска и социјална криза предизвикана од КОВИД – 19 , како што додаде Јовески, е многу полесно кога знаеме дека имаме помош од вистински пријатели.

-Оваа донација всушност ќе ни овозможи да продолжиме со интензивно темпо да ги штитиме нашите штитеници и вработените во казнено-поправните установи, за спречување на ширењето на КОВИД-19, истакна Стојановиќ.

Во рамките на оваа донација, судовите, Академијата за судии и јавни обвинители, Судскиот совет, јавните обвинителства, Советот за јавни обвинители, затворите и Управата за извршување санкции добија средства за чистење и дезинфекција на површини и антибактериски гелови за дезинфекција и суво миење раце.

Амбасадата на САД во Скопје додели вкупно 6.360 пакувања од по половина литар антибактериски гел за дезинфекција и суво миење раце како и 400 средства/раствори од по 10 литри за чистење и дезинфекција на површини, набавени од домашни производители.


Администратор
29/06/2020 16:47