Тој ден кога Елизабета Мартучи и нејзиниот 11-годишен син беа официјално прогласени за здрави, тие излегоа од куќата во јужниот дел на Њу Џерси носејќи креда. На тротоарот напишаа порака:

„Ние го преживеавме ковид“.

– Сакав да им кажам на сите дека сум го имала и дека сега сум добро. За луѓето да знаат дека тоа не е смртна казна, рече госпоѓа Мартучи.

Таа купила и маици на кои пишувало „Преживеан Ковид-19“, претпоставувајќи дека некои од нејзините соседи во улицата каде што живее ќе се чувствуваат малку непријатно.

Но, Елизабета наскоро сфатила колку многу го потценила немирот со кој ќе се соочат таа и нејзиниот син Маркус. Повеќе од еден месец откако оздравеле, некои соседи ги избегнувале. Некои буквално трчале кога ќе ги видат.

Луѓето кои го преживеале вирусот излегуваат од болница или домашни карантини и наидуваат на свет кој не е премногу подготвен да ги дочека со отворени раце.

Здравствените експерти и епидемиолозите се согласуваат дека пациентите целосно закрепнати од коронавирусот повеќе не претставуваат ризик, ниту пак можат да заразат други луѓе. Но, некои преживеани од оваа болест сè уште се соочуваат со стигма.

Меѓу нив е и ветеринарот кој одбил да му помогне на кучето чија сопственичка била во болница. Има и еден градинар кој не сакал да ја поткастри живата ограда во дворот на човек кој оздравел. Постојат соседи кои донеле супа на прагот, но напишале да не им се враќа садот.

– Длабоко во себе имав претчувство дека луѓето ќе се плашат од мене затоа што го имав вирусот, рече Мартучи (41). Таа се сеќава како сосед се сопнал на тротоарот во трчање без глава кога ги забележал нејзиниот син и неа како се приближуваат на велосипеди.

– Но, јас навистина не мислев дека ќе бидам презрена, вели оваа жена, која работи со недвижности. – Тие те гледаат како зараза, а не како преживеан.

Затоа, брзо ги фрлила и оние маици.

Не сите преживеани мислеле дека ќе бидат стигматизирани. А тоа особено боли затоа што во светот се зборува за тоа како отворањето на економијата, всушност, најмногу зависи од тоа колку луѓето кои имаат антитела се подготвени брзо да се вратат на работа. Покрај тоа, тие треба да донираат крвна плазма за експериментално тестирање.

– Постои оваа дихотомија, помеѓу чувството дека мора да одите и да ја дадете вашата плазма и да спасите нечиј живот, и чувството дека сте во каста на недопирливи, изјави Шерил Крафт, новинарка која следи здравство во Ферфилд, Конектикат, која пишуваше за својата борба против Ковид-19 и физичките и психички последици по нејзиното здравје.

– Ние сме како некои избрани, вели таа. – Можеме да се вратиме во општеството, можеме да донираме плазма, многу сме вредни. Но, за луѓето кои се плашат од зараза, ние сме како прогонети.

Марк Левин, член на градскиот совет во Њујорк, ги почувствувал симптомите на вирусот на крајот на март. Тој се заклучил во својот дом сè додека не закрепнал. Неколку недели подоцна, тој бил запрепастен кога еден работник во локалната перална за алишта си заминал веднаш штом влегол Левин.

Во Линденхурст, околу педесет километри источно од Менхетен, Флора Тулупис (60) ја видела добрината и претпазливоста на еден сосед. Откако вирусот брутално ја погoдил – имала и пневмонија и проблеми со запушени вени – првиот сосед на Тулупис и донел домашна пилешка супа на прагот.

Но, кога му испратила порака да го праша кога да му го врати садот, и било кажано да го фрли.

Саманта Хофенберг, која живее на Менхетен, вели дека разбира зошто нејзиното родено семејство ја избегнувало речиси два месеци откако ја победила болеста: нејзиниот татко починал во април од вирусот што го добил во болница. Сè беше многу трауматично, вели таа.

А откако се заразила и таа, прифатила дека треба да биде подалеку од саканите личности, дури и откако ќе закрепне.

Но, тогаш, на 23 април во нејзината зграда избувнал пожар. Таа била однесена во болница поради вдишување чад и имала напади на паника. Социјална работничка од болницата се јавила кај нејзиното семејство за да им каже дека го нема вирусот и дека сака да ги види. Тие одбиле.

– Никогаш не сум бил на толку мрачно место како тогаш, вели Саманта. – Моето семејство беше толку исплашено од мене што дури не сакаа да сфатат колку бев осамена

Њујорк Тајмс


Администратор
29/06/2020 08:55