По вчера потврдениот случај на заразена жена од селото Долно Косоврасти, што беше прв случај по педесет дена, денеска официјалните податоци потврдуваат дека во Дебар нема новозаразени. Заразената жена е хоспитализирана во Инфективната клиника во Скопје.

Според податоците на Секторот за внатрешни работи од Охрид, во Дебар нема лица во изолација, додека во самоизолација се 33 лица.

Најмалку 17 од нив се лица кои биле во контакт со заразената жена од Долно Косоврасти и тоа двајца лекари, четири медицински сетри и двајца возачи од Општата болница во Дебар, додека останатите се од семејството на жената.

Инаку, полициската статистика потврдува дека во изминатото деноноќие, на подрачјето на општините Дебар и Центар Жупа, кои со својата активност ги покрива Одеделението за внатрешни работи, констатирани се 16 прекршоци за неносење заштитна маска на лицето.

Согласно владината уредба за спречување на ширењето на коронавирусот, досега на ова подрачје прекршочни налози за сторен прекршок спротивен на уредбата со законска сила за носење лична заштита на лицето издадени се на повеќе од 200 физички лица.

Во исто време, полициските службеници самостојно, но и во координација со Државниот пазарен инспекторат, извршиле 10 конторли.

Непочитување на полицискиот час нема.

Поради воведениот полициски час, на лицата кои имаат потреба од набавка на храна или лекови повторно услуга им вршат волонтерите на Црвен крст.


Администратор
06/06/2020 16:38