Коронавирусот постои, тој е тука меѓу нас и во ниту еден момент не смееме да се опуштиме, треба доследно да ги почитуваме препораките за лична заштита, држење дистанца, носење маскa и редовна хигиена на рацете, порачуваат докторите инфектолози Сунчица Јосифова и Азиз Бајрами од Инфективното одделение од кумановската Општа болница. Двајцата лекари се заразија со вирусот, впрочем како и поголем дел од здравствениот персонал од ова одделение во кумановската болница.

Началничката на Инфективното одделение д-р Сунчица Јосифова, специјалист инфектолог, заедно со нејзиниот колега доктор Азиз Бајрами го пренесоа своето искуство како се справиле со болеста КОВИД-19. И двајцата се заразиле на работното место на Инфективното одделение во болницата. Лекарите раскажаа за нивниот тек на болеста, за терапијата, за строгата изолација.

Доктор Бајрами, специјалист инфектолог, раскажува дека бил меѓу првите здравствени работници заразени со вирусот. На 24 март веста дека се заразени здравствените работници ја соопштија надлежните од Министерството за здравство. Претходно во Куманово немаше ниту еден случај на заразен со коронавирусот, а на 21 март надлежните соопштија дека на ова одделение почина првата пациентка од последици од коронавирус.

– Откако почина пациентката која беше хоспитализирана беше решено да се направи тест кај вработените. Во правата група која се тестираше јас бев заразен заедно со други колеги, двајца доктори и две сестри. По неколку дена беа заразени и останатите колеги. Инкубацијата може да трае од 48 часа до 14 дена, некогаш и повеќе – вели Бајрами.

Д-р Јосифова додава дека како специјалист инфектолог и дел од тимот на Инфективното одделение во ЈЗУ Општа болница во Куманово, во текот на февруари се подготвувале да се соочат со нешто непознато, за кое имале информации, но не и искуство, во согласност со препораките од релевантни институции во државата.

Тие се подготвувале на стручен план, за извори и начин на пренос на вирусот, дијагностички процедури, клиничка слика, текот на болеста, можни компликации и исход на болеста, начинот како да се заштитат, како правилно да ракуваат со заштитната опрема.

Доктор Бајрами беше меѓу првозаразените. Тој не знаел дека бил инфициран. Сепак, се сеќава дека имал благи болки во градите, кивање, а потоа по тестирањето речиси и немал симптоми.

– Веднаш се изолирав од останатите членови на семејството во посебна соба во домот. Сопругата готвеше, посебено јадев. Немав никаков контакт со членовите од семејството 14 дена. Никој не се зарази од семејството. Среќа во несреќа е што брзо се тестирав, вели Бајрами.

Докторката Јосифова не била меѓу првозаразените. Во многу краток временски период, во март, на Инфективното одделение имало нагло зголемување на бројот на заболени од кои некои биле со тешка клиничка слика, во одредени случаи и витално загрозувачка.

– И јас бев директно вклучена во лекување на ваквите пациенти од самиот почеток. Единствена цел на сите ни беше да им се помогне на заболените. Во таа беспоштедна борба со коронавирусот настрадаа и првите здравствени работници во кумановската болница, кои беа вклучени во лекувањето на болните од КОВИД-19. Епидемиолошката служба при ЦЈЗ спроведе тестирање на сите вработени кои бевме во контакт со заболените и тогаш бев негативна, вели Јосифова.

Докторката Јосифова, пак, по десетина дена од контактите со заболените, по враќање од работа почувствувала малаксаност, болка во целото тело и треска. Тоа си го припишала на заморот од темпото на работа наметнато од новонастанатата состојба и сметала дека со малку одмор сè ќе биде во ред.

– Но состојбата прогресираше, ми се појави висока температура, течење на носот и главоболка, што укажуваше на можноста дека сум заболена од КОВИД-19. Се јавив во ЦЈЗ од каде што ми беше кажано дека веднаш треба да бидам тестирана и моите сомневања се потврдија. Резултатот беше позитивен. Тоа беше почеток на мојата борба со вирусот. Како што налагаше процедурата, направив лабораториски иследувања и рендген-снимка на белите дробови на која се покажа дека имам воспаление на едното белодробно крило, вели докторката.

Почнала со антибиотска и друга симптоматска терапија, со витамини, ацерола и Д3-витамин, течности и исхрана за зајакнување на имунитетот. Но, како што одминувале деновите состојбата ѝ се влошувала.

– Сè почесто бев со краток здив, по секој изговорен збор имав напад на кашлица, малаксаноста стануваше сè поизразена, изгубив апетит. Повремено ми се јавуваше страв од нагло влошување на состојбата. По една недела од појавата на првите симптоми, отидов во болница да направам контролни лабораториски иследувања и контролна рендген-снимка на белите дробови, на која се покажа дека процесот напредувал и имав воспаление на двете белодробни крила. Бев на чекор од одлуката да останам во болница на понатамошно лекување. Но, тоа што досега сум била здрава, без други придружни болести, како и големата грижа и поддршка од мојот сопруг и синовите, беа пресудни да го продолжам моето лекување во домашни услови. Во тие денови нивниот комплетен ангажман беше посветен на моето закрепнување и за тоа од срце сум им благодарна. Продолжив да земам антибиотска терапија. Подигањето на имунитетот за мене беше најважно, зашто бев свесна дека само со добар имунитет може да го победам вирусот, раскажува д-р Јосифова.

Доктор Бајрами поминал со полесна клиничка слика. За време на изолацијата доктор Бајами примал витамини, пред сè витамин Ц, пробиотик и многу течности, два литри на ден. Лично, вели, преферира вода и пиел цеден потрокал, лимон и смуди од јаболка и друго овошје со вода. Храната за време на лекувањето, појаснува докторот, треба да е богата со витамини и минерали, овошје, зеленчук, особено салати, кои и онака се препорачуваат.

Кај доктор Бајрами по 14 дена епидемиолозите му зеле брисеви во два наврати, кои покажале дека е негативен. Сега се чуствува добро, но сè уште се придржува кон правилата.

И докторката Јосифова вели дека по десеттиот ден од почетокот на болеста постепено почнала да закрепнува, помалку да кашла, немала покачена температура, малаксаноста почнала да исчезнува, а ѝ се вратил и апетитот.

Петнаесеттиот ден по позитивниот тест од Центарот за јавно здравје ѝ направиле прв контролен тест, а втор контролен тест по 48 часа од првиот контролен тест. И двата теста ѝ биле негативни.

– На мојата среќа ѝ немаше крај кога и тестовите на мојот сопруг и син испаднаа негативни. Тие заедно со мене беа 15 дена во изолација, при што користевме исти простории, кујна, бања, соба за дневен престој и благодарение на строгото придржување на мерките за заштита, држење дистанца, високо ниво на хигиена и носење маска при комуникација, останаа негативни. Не случајно го потенцирам ова, зашто како резултат на ригорозните мерки, на кои се придржувавме, тие останаа здрави и негативни на вирусот, вели докторката Јосифова.

За неа многу била битна поддршката од пријателите, роднини, комшии, колеги и вработени од одделението, благодарна е за нивното интересирање, грижа за здравјето и понудената помош. Тоа, вели, дава сила и верба дека не си сам во битката што ја водиш за своето здравје и живот.

И кај доктор Бајрами во семејството строго се придржувале кон препораките.

– Многу е важно да се мијат рацете, вирусот е тука. Ние, луѓето, сме тие што сме негово живеалиште. Маска треба да се носи во затворен простор и на отворено каде што нема простор за одржување физичка дистанца, вели Бајрами.

Тој особено им препорачува на младите и здрави луѓе, кои најчесто се асимптоматски носители, да внимаваат, да ги почитуваат препораките, бидејќи можат да ги заразат повозрасните, оние што имаат некакви заболувања.

– Ги разбирам, сакаат да прошетаат, да се дружат, но битно е да ги почитуваат мерките за да не ги заразат постарите членови на семејството. Сите што имаат благи симптоми, да ги земат предвид, да се консултираат со лекар, а добро е да се изолираат, кивањето, затниот нос, малаксаноста, да ги сфатат посериозно, макар што може да биде и нешто друго, но да се консултираат со лекар, порачува докторот.

Болеста е нова, но светските и нашите македонски искуства, вели доктор Бајрами, покажуваат дека поголем дел од заразените можат да поминат со полесни симптоми, како што бил и неговиот случај, но тоа не смее да се сфати дека не треба да се почитуваат мерките. Напротив, вели кумановскиот лекар, потребно е да се почитуваат сите препораки за носење маска, да се држи физичка дистанца од два метри, да не се собираат група луѓе, да се одржува хигиена.

– Јас имав среќа да се изборам со болеста, но многу наши сограѓани ја изгубија таа битка и не се повеќе со нас. Ова го пишувам со цел да се обидам да допрам до секој од вас со порака дека никој не е поштеден од вирусот, ниту тие што се на работното место, ниту во маркет, банка или каде било.

И затоа, во време кога целиот свет се соочува со невидлив, но многу опасен непријател, од срце ве молам да ги почитувате препораките од релевантните институции во државата, кои секојдневно ги читаме и ги слушаме и да си го сочувате својот живот. Вирусот постои, не игнорирајте го и заштитете се, порачува докторката Јосифова.

Кумановските лекари велат дека не смее да се игнорира постоењето на вирусот. Граѓаните треба да ги почитуваат препораките, да се грижат за своето и за здравјето на најблиските.


Администратор
06/06/2020 12:44