Европската Комисија им предлага на земјите членки на ЕУ да се издвојат дополнителни средства за сириските бегалци кои се наоѓаат во соседните земји, јави дописничката на МИА од Брисел.

Предлогот предвидува сто милиони евра за Јордан и Либан, а 485 милиони евра за Турција.

-ЕУ константно ги поддржува бегалците во Турција, Либан и Јордан со години. Со заканата од коронавирусот за најранливите, не смееме да ја сопреме нашата поддршка. Ние сме посветени да му помогнеме на сирискиот народ и земјите кои ги примаат во овие тешки времиња, а хуманитарната помош на ЕУ ќе помогне децата да одат во училиште и ќе ги поддржи семејствата на кои им е потребна помош, рече Јанес Ленарчич, еврокомесарот за хуманитарна помош.

Јордан и Либан имаат најголем број сириски бегалци на нивна територија, но ЕУ има посебен договор со Турција, произлезен од “бегалската криза“ во 2015, со што Анкара е задолжена да помогне да се намали бројот на бегалци кои пристигнуваат на територијата на ЕУ.

Средствата што се издвојуваат за Турција се наменети за партнерски организации кои работат со ЕУ на терен во бегалските заедници. Со оваа дополнителна помош, Европската Комисија сака да се пролонгираат два проекта на кои наскоро им истекува рокот, а тоа е програмата за социјална помош и програмата за образование. Тие би се продолжиле до крајот на 2021, доколку предлогот биде прифатен од страна на земјите членки на ЕУ и на Европскиот Парламент.

Средствата за двете други земји се наменети исто така за образовни цели, но и за здравствени проекти и социјална заштита на бегалците од Сирија, но и од Палестина кои се наоѓаат во камповите во Либан и Јордан.


Администратор
04/06/2020 16:50