Полицијата во Охрид преку Одделението за превенција врши контрола врз начинот на кој се исполнуваат владините мерки и препораки за заштита и превенција од коронавирусот, а се однесуваат пред се на почитување на протоколите за отворање и работа на кафетериите и угостителските објекти за исхрана.

На целата територија под ингеренции на СВР – Охрид, полициски службеници остваруваат редовни контакти со сопствениците и други одговорни лица во угостителските објекти заради укажување на неопходноста од целосно спроведување на предвидените безбедносни мерки за заштита од Ковид-19 и успешно менаџирање со објектите во такви околности.

Притоа полицајците на угостителите им делат флаери со целосниот сет-мерки од протоколите за работа.

Во текот на изминатото деноноќие полициските службеници самостојно, но и во координација со Државниот пазарен инспекторат, извршиле 84 контроли врз угостителски и други објекти и тоа 27 во Охрид, 11 во Струга, 32 во Кичево и 14 во Дебар.


Администратор
02/06/2020 23:19