Во оној момент кога ќе заврши вонредната состојба, за 22 дена треба да се одржат избоири во Република Македонија. Жалам што сме единствена држава во светот каде што немаме функционален парламент, истакна денеска премиерот Оливер Спасовски пред Клиниката за инфективни болести во Скопје, прашан за датумот за изборите и дали ќе има лидерска средба.

-Дали ќе има нова лидерска не знам, но знам дека датумот е детирминиран со Уредбата со законска сила која има важење до завршување на вонредната состојба. Ако имавме функционален парламент тогаш изборите можеа да се одржат тогаш кога ќе се договорат политичките партии и лидери. Очекувам дека во рамките на законската можност ќе имаме дијалог и преку дијалог ќе дојдеме до конечен ден на одржување на изборите, затоа што тоа е добро за државата, истакна Спасовски.

Според министерот за здравство Венко Филипче, подобро е изборите сега да се одржат отколку наесен поради тоа што во моментов постои поголема контрола врз коронавирусот.

-Сега ситуацијата за избори е поволна затоа што повеќе е под контрола отколку наесен, сега се присутни ефектите од рестрикциите од движењето, карантинот и не работат училиштата, градинките, а затворени се и границите. Сите овие три фактори надополнети со тоа што наесен би можело да значи една епидемија од сезонски грип, може значително да ја комплицира ситуацијата и такви се предвидувањата и на СЗО и на други земји, истакна Филипче и нагласи дека доколку се почитуваат мерките, изборите можат безбедно да се одржат.

Но како ќе се оддржат изборите без странски набљудувачи во услови на затворени граници, за кои истакна дека е премногу рано да се отворат и како ќе гласа дијаспората останува нејасно.

Вицепремиерот Бујар Османи рече дека ДУИ биле единствени што не ја оцениле лидерската кај претседателот како неуспех и дека за нив тоа било почеток на дебатата за конзензус за изборите. Тоа го покажале со тоа што не отишле со вкалкулирана дата за изборите, бидејќи според нив, треба два фактора да се исполнат, а тоа е ниту еден процес да не го загрози здравјето на граѓаните и второ да се постигне консензус за изборите.


Администратор
22/05/2020 16:36