Како што олеснуваат карантините во многу земји, така почнува пробното враќање на работа, оставајќи ги луѓето разбирливо загрижени за тоа колку безбедна ќе биде канцеларијата во екот на глобалната пандемија.

Заедно со мувлосаната стара храна во фрижидерите, веројатно ќе има зголемување на количината на технологија што се користи за следење на вработените.

Од термички камери што ви ја мерат температурата кога влегувате во зградата до апликации или знаци што ве предупредат ако сте премногу блиску со колегите, работата наскоро може да биде како во филмот „Малцински извештај“ (Minority Report).

Еџ (The Edge) во Амстердам пред неколку години беше изгласанa за една од најпаметните и најодржливи згради во светот, и ги приспособува своите канцеларии опремени со сензори за новата реалност на живеење со заразниот и потенцијално опасен по живот вирус.

Коен ван Остром, основачот на фирмата за недвижности што ја изгради, за Би-би-си изјави дека има неколку прости измени што можат веднаш да се случат.

Вратите во моментов можат да се отворат со рака, но мал чекор е тие да можат да се отворат преку гласовна контрола или преку апликација, и ние сакаме да го направиме тоа за да се обезбедиме дека вирусот не се шири на тој начин.

„Имаме и камери што можат да видат колку луѓе се на катот и со ажурирање на софтверот исто така може да се мери колку луѓето се оддалечени едни од други, и можеме да испратиме предупредување до телефоните на луѓето ако се премногу блиску едни до други“.

„Тоа не им се допаѓа на сите и имаат чувство дека е упад во нивната приватност, така што сè уште не сме решиле дали сакаме да го користиме тоа кога сите ќе се вратат во канцеларија.“

Еџ, за разлика од повеќето згради, веќе им обезбедува на вработените телефонска апликација, која им овозможува да видат колкава е температурата во канцеларијата и каков е квалитетот на воздухот, а преку неа можат да нарачаат и ручек од кантината.

Преземањето на апликацијата не беше огромно. Додека во минатото никој навистина не се грижеше за квалитетот на воздухот, сега шансите за ширење на вирусот се поголеми ако не кружи доволно свеж воздух, и луѓето би можеле да почнат да обрнуваат внимание на тоа, смета Ван Оостром.

Ќе треба да се сменат и плановите за седење за да се обезбеди да можат да се применат правилата за физичко растојание, но Сузан Кларк, експерт за паметни згради од истражувачката фирма Вердантикс, смета дека работодавците веројатно нема радикално да ги променат нивните работни практики.

„Ротирањето на седењето ќе остане и со оглед на рецесијата во која се движиме сега, повеќето фирми нема да можат да заземат повеќе простор – но може да се размисли кога едно лице ќе си замине од работното биро, да се почека со поставување друг вработен додека чистачот не дезинфицира.“

Некои фирми за осветлување, како што е Витал вио, го нудат она што го опишуваат како безбедно светло за дезинфекција, кое користи виолетова светлина измешана со бела светлина за да убие некои бактерии на површините. Иако овие светла може да имаат употреба во хотели или канцеларии со многу вработени, трошоците може да не бидат оправдани за многу бизниси, смета Кларк.

Флир Технолоџи (Flir Technology) со години создава термални камери за употреба на аеродромите и на полициските хеликоптери, но бележи експоненцијален раст во последните неколку месеци.

Сега фирмата го гледа својот интерес во фабриките и бизнисите.

„Во суштина, секоја индустрија што треба да ги штити своите работници и своите клиенти“, рече потпретседателот на маркетингот на Флир, Езра Мерил.

Камерите мерат површина од пет квадратни милиметри во близина на каналот за солзи, што е оценето како најдобро место за мерење на температурата на кожата. Корисниците што носат очила мора да ги отстранат.

Нивните алгоритми земаат предвид низа фактори, како што е периодот во денот, без разлика дали е сончево или врне дожд, како и фактот дека луѓето имаат опсег на нормална телесна температура.

Но, уредот е само еден дел од сложувалката, а вториот чекор е да се измери температура на едно лице користејќи медицински термометар, изјави Мерил.

Технологијата неодамна беше тестирана во фабрика во САД, каде што реакцијата од вработените беше различна.

„Имаше секакви реакции како што се очекуваше, од луѓе кои беа возбудени и среќни што го правеа тоа, до оние кои мислеа дека им се скенира мрежницата.“

Всушност, камерата воопшто не фотографира и не е можно да се идентификуваат луѓето од сликата, но Мерил признава дека може да има проблеми со приватноста. И на некои места може да биде нелегално.

„Некои земји го забрануваат мониторингот на здравјето на вработените. На пример, во Италија има закони во кои се вели дека не можете да го надгледувате здравјето, а тоа вклучува параметри како што е температурата“, рече Кларк.

Адвокатот Рави Наик изјави дека деловните субјекти треба да бидат внимателни затоа што не користат „технологија за доброто на технологијата“.

„Дали ова е за да се олесни разбирањето за тоа кој може да работи, а кој не може, а ако не, какво е значењето на тоа? Бидејќи тоа е такво мешање во основните човекови права што мора да има високо ниво на докажана оправданост за да се распореди оваа технологија и јас едноставно не мислам дека тоа е така во моментов.“

Радикално, долгорочно решение, може да вклучува воопшто да не мора да доаѓаат во деловната зграда.

Извршниот директор на банката Берклис, Џес Стејли, рече дека присуството на илјадници работници во големите градски канцеларии „може да биде минато“, бидејќи ерата на карантинот докажува дека многумина можат да си ја вршат својата работа совршено добро и од дома.

Како некој што работи со недвижности, Ван Оостром очигледно не се согласува.

Тој смета дека ќе видиме хибриден модел со повеќе луѓе кои работат од дома, а работодавците ќе мора „да ги заведат луѓето да доаѓаат во канцеларија“.

Канцелариите се „социјални кошници“, рече Ван Оостром, места каде што соработуваме и се дружиме – но веројатно ќе треба да има и подобро кафе.

„Канцелариите да се направат забавни места ќе биде поважно од кога било“, рече тој.


Администратор
10/05/2020 04:04