Општина Берово во соработка со Владата и Министерството за земјоделство ќе бара начин да им помогне на сточарите околу откупот на јагнињата кој годинава се одвива со потешкотии и со нереални цени на пазарот. Ова е еден од заклучоците кои произлегоа од седницата на Координативното тело за превенција одржана во Берово. Како дел од мерките за справување со појавата на КОВИД 19 беше донесена и одлука зелениот пазар во Берово да остане затворен за посетители. – Зелениот пазар засега останува затворен заради природата на пазарот како место во кое се собираат големи групи луѓе, неможноста од имплементација на сите препораки како држење соодветна дистанца, можност за нарушено ниво на хигиена и слично. Во соработка со Владата и Министерството за земјоделство ќе бараме начини за помош на земјоделците со откуп на јагнињата што е во моментот сериозен проблем за беровските сточари, информираа од Координативното тело. Планирано е и евидентирање на луѓето кои престојуваат во туристичките населби, за да може да се направи структура за нивно снабдување со храна и лекови за престојниот викенд. -На сите граѓани кои имаат потреба од медикаменти (дијабетичари, луѓе болни од срцеви заболувања итн..) и совети од лекари ќе им излеземе во пресрет да го добијат соодветниот третман, без притоа да ги напуштаат своите домови. Ќе определиме економски оператори кои ќе вршат достава нарачана онлајн или по телефон. За таа цел планирано е и вклучување на волонтерите од UNDP во мобилните тимови за достава на храна. Во наредниот период, Координативното тело најавува и засилена контрола дали се следат препораките и мерките изречени од Владата за заштита од КОВИД-19.


Администратор
09/04/2020 01:24