Општина Кочани денеска го почна уредувањето на просторот за дезинфекција на возилата на влезот во градот од правец на Штип, со што ги спроведува актуелните и воведува нови мерки за спречување на ширење на коронавирусот.
Непосредно кај поранешните објекти на земјоделскиот комбинат „Кочанско Поле”, пред надвозникот на излезот од магистралниот пат А3, се работи на проширување коешто ќе биде прилагодено во дезинфекциска бариера за сите возила што влегуваат во Кочани од западната страна.
– Покрај градежната интервенција, ќе биде поставена и соодветна вертикална сообраќајна сигнализација, како известување за возачите. Наскоро дезинфекциска бариера за возилата што доаѓаат до правец на Виница и од другите општини од тој регион ќе биде поставена и на влезот во Кочани кај населбата Оризари, во близина на бензинската пумпа „Филипов”, истакнаа од Кризниот штаб на Кочани.
По првиот евидентиран случај од Кочани на заболен од КОВИД-19, се зголеми бројот на самоизолирани лица, меѓу кои се и четиринаесет лица од семејството на болниот.
Градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев упати повик до сите што имале контакт со заболениот да се јават кај својот матичен лекар и превентивно да се самоизолираат. Тој апелира сите да се однесуваат совесно, да ги почитуваат мерките и препораките на Владата, Министерството за здравство и Светската здравствена организација за да се избегнат несаканите последици по личното и јавното здравје.