Институтот за јавно здравство на Косово (ИШПК) објави синоќа дека, од извршените испитувања во текот на минатиот ден, тројца испитаници резултираа позитивни на Ковид-19, по што официјалната бројка на заразени со новиот коронавирус во земјата достигна до 91, јави дописникот на МИА од Приштина.

Трите лица, кај кои во саботата е потврдено присуството на вирусот, според соопштението на ИШПК, се заразени од контакти со лица кои претходно биле заразени со новиот коронавирус. Двајца од новозаразените се од Приштина и еден од Подујево.

Во текот на вчерашниот ден во лабориторијата за молекуларна микробиологија на ИШПК се испитани 46 примероци на лица за кои постоело сомневање дека се заразени од новиот вирус, со што вкупната бројка на испитаници од 8 февруари до синоќа изнесува 1.037.

Министерот за здравство на Косово, Арбен Витија вчера објави дека се набавени 7.000 нови тестови за откривање на коронавирусот, а започната е постапката за набавка на уште десет илјади.

Од 13 март, кога беа регистрирани првите две лица заразени од смртоносниот вирус, во Косово се евидентирани еден случај на излечен од заразата и еден починат.


Администратор
29/03/2020 11:38