И покрај тоа што секому во моментот му е најважно да остане здрав, имајќи го предвид здравствениот систем со сите негови слабости и фактот дека сите сме свесни за истите, добар дел од нас е многу повеќе загрижен за економскиот колапс што ќе дојде. Или веќе доаѓа. Гледаме најави и отпуштања од работа во малите и средните претпријатија, затворање на фирми. А Македонија не е држава опкружена со богати земји, ами со земји кои исто така ќе потонат во економска криза после пандемијата, па секако немаме богаташи соседи кои ќе ни влетаат со помош.
Во исто време читаме популистички тектови за 70 милиони евра помош од ЕУ, а во нив не се кажува вистината дека овие средства не се нови, туку истите кои ЕУ ги наменила за да помогне во локалниот развој пред кризата - а сега само се пренаменуваат во борбата за спречување на ширење на коронавирусот. Ама сето ова е само „шлаг“ на тортата наречена „немање средства“. Ајде од почеток.
На 18 јануари министерката за финансии Нина Ангеловска рече дека „буџетот е во добра кондиција, финансиите се стабилни“. И не само тогаш, ова е реторика на Владата и пред да биде „техничка“, цели три години, настрана редовните задолжувања кон меѓународните фондови, кои донесоа до состојба и неродените бебиња во земјата да се веќе задолжени. Март е третиот месец по јануари, односно на неполни три месеци по оваа оптимистична и смирувачка изјава на Ангеловска, а лидерот на партијата на власт,Зоран Заев, дава една друга запрепастувачки спротивна.
Имено, вчера Заев рече дека состојбата со државната каса е алармантна односно дека влегуваат само 30 до 40 проценти приходи. Ова според лаичките познавања значи дека ако кризата со корона вирусот потрае - што е се поизвесно - во следните три месеци касата ќе банкротира. Па дојде предлогот на претседателот на опозоциската ВМРО-ДПМНЕ дека итно е потребно да се земат кредити, за да дојдеме до тој момент иако со мало задоцнување што во превод значи повисоки камати.
За уште поедноставно да се каже, после задолжувањето кое по се изгледа не е доволно ни сега, секој оној кој би ја презел власта во иднина, ќе треба да вложи магионичарски напори за да не удри по џебот на граѓаните и за да го намали долгот на државата.
Но настрана политиката. Заев претходно предложи и мерка, дека администрацијата ќе зема само минимална плата додека трае кризата (иако е нејасно од која позиција тоа го прави - како шеф на влада во сенка или?). Мерка, која за жал, се поизвесно е дека ќе се воведе, а при тоа не е направен ребаланс на буџетот за да се види може ли да се најде друг начин. Самата Ангеловска пред неколку дена рече дека „не е неопходен ребаланс сега“. Секако веднаш следи прашањето како може да не е неопходен кога стопанството моли за поголема инјекција односно дека не се тргна доволно од капиталните и сите други државни проекти што во моментот се неважни за парите да се релоцираат во справувањето со кризава?
Нејсе. На крајот е клучното прашање. Зошто на пример не се донесе уредба на Владата тајкуните и бизнисмените „тешки“ милиони да не го одврзат ќесето свое, па по различни, законски базирани основи, да ја инјектираат државната каса?
Можеби начини имаше, а можеби се уште не е доцна, ама останува дилемата каде е сега блесокот на економијата за кој тврдеше власта дека свети на најсилно? Можеби во оваа бездна ќе ни го покажеше патот.