На државниот Универзитет во Белград, најстарата и најголема високообразовна установа во Србија, студираат 88 македонски државјани, најмногу на постдипломски студии. Универзитетот има 31 факултет, 11 институти и 100 000 студенти. Од нив странци се 5000, а има тенденција да биде избор и за многу поголем број затоа што овој универзитет е меѓу 500-те најдобри на Шангајската ранг-листа која опфаќа само 2 процента од сите универзитети во светот. Неодамна тој стана и седми член во европската универзитетска алијанса Circle U. заедно со уште шест престижни универзитети од Европа.

Интернационализацијата е еден од главните приоритети на актуелниот ректор, проф. д-р Иванка Поповиќ, и во иднина се очекува зголемување на бројот на студиски програми на англиски јазик кои во овој момент се околу 50, главно на мастер-ниво.

Ректорката Поповиќ минатата недела работно го посети Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола и со ректорот Сашо Коруновски потпишаа меморандум што ќе овозможи Белградскиот и Битолскиот универзитет да соработуваат на повеќе активности и програми за размена на наставен кадар, студенти, на заеднички истражувачки проекти и други области од заемен интерес.

Во интервју за МИА Поповиќ зборува за преземените чекори за интернационализација на Белградскиот универзитет кој се обидува да помогне и во задржувањето на нивните студенти во земјата, со оглед дека голем број заминуваат во странство поради неадекватните плати. Поддршката за науката во Србија во 2020-та, рече, ќе биде значително поголема отколку во претходните години зашто законски е сменет начинот на финансирање. Резултатите очекува да бидат видливи веќе за две години.

Минатата есен Поповиќ беше во фокусот на јавноста во Србија откако по неколку години сомневања во оригиналноста на докторатот на министерот за финансии Синиша Мали, Универзитетот спроведе процедура да се утврди дали е плагиран и донесе заклучок да се поништи, што е преседан во академската заедница во Србија. Поповиќ во интервјуто истакнува дека должност и обврска е да ја чуваат институцијата (чии почетоци се во првата декада на 19 век), зашто Универзитетот, вели, е поголем од секој поединец, а универзитетската автономија е мерило за демократијата на едно општество.

Какви се искуствата на Белградскиот универзитет со мобилноста, размената и интернационализацијата и колку има македонски студенти?

– Универзитетот во Белград ѝ придава големо значење на интернационализацијата и има стратегија за интернационализација која е достапна на нашиот сајт. Моја лична цел е да се обидам да го удвојам бројот на странски студенти. Во овој момент тие се 5 отсто од вкупно 100 000. Значи имаме околу пет илјади. Половина од нив се од поширокото говорно подрачје и не ги сметаме за вистински странци. Два и пол проценти доаѓаат од говорно подрачје кои не се од јужнословенските јазици и тие се вистински странци. На Универзитетот во Белград студираат 88 македонски студенти и голем број се на мастер-студиите.

Интернационализацијата за нас е исклучително важна од два аспекта. Прво, сметаме дека имаме квалитетен образовен систем да можеме тоа да им го понудиме и на странските студенти, втор аспект е што мислиме дека е важно нашите, домашни студенти да имаат интеракција со колегите од странство, зашто е тоа важно животно искуство за нив. И ако погледнеме еден трет, деловен аспект – за жал, демографската слика во регионот не е добра и нам ни се намалува бројот на потенцијални студенти и затоа сакаме да им ги отвориме нашите врати на странските студенти.

Тоа има одредени предизвици кои се врзани за доволен број наставници кои зборуваат странски јазици, врзано е за некои практични проблеми, како што е сместувањето на странските студенти, административните аспекти – добивање визи и дозволи за престој. Сето тоа не е толку едноставно, особено што можеби земјите од кои доаѓаат потенцијалните студенти не се секогаш земји со кои имате едноставни релации во однос на безбедноста. Се надевам дека тие проблеми ќе успееме да ги надминеме, соработуваме тесно со Министерството за образование на Србија за да ги поедноставиме тие практични аспекти околу сместувањето, визите и дозволите за престој.

Од друга страна, националното тело за акредитација даде многу јасни прописи какви услови мора да исполнат наставниците кои ќе држат настава на странски јазик. Така што, се отвораат можности. Во овој момент имаме околу 50 студиски програми што ги нудиме на англиски јазик. Тие првенствено се на мастер-ниво и може да се очекува и натаму најголем број понуди на англиски јазик да имаме на нашите мастер-студии.

Дали Универзитетот во Белград има уписна политика усогласена со побарувачката на кадар на пазарот на труд?

– Не доволно. Затоа што уписната политика доста влече од традицијата од времето кога живеевме во поголема држава, кога Универзитетот во Белград привлекуваше поголем број студенти од регионот и државата имаше поинакви потреби за вработување. Така што, мислам дека немаме доволно усогласена политика која би ги избалансирала тие две работи.

Во Србија постојат две категории студенти – оние кои се финансираат од буџетот и кои со својот академски успех обезбедуваат да не плаќаат школарина, и самофинансирачки кои самите ја плаќаат школарината.

Мислам дека буџетските квоти можеби се реален одраз на потребите на општеството и нешто помалку од половината бруцоши кои запишуваат прва година се на буџет. Со понатамошен академски успех тие потоа можат да го одржат тој статус и да не плаќаат школарина. За некои занимања кои се исклучително популарни, каде што не можете да гарантирате работно место, тука има проширување за самофинансирачки студенти кои потоа се подготвени да ризикуваат на пазарот на трудот.

За жал, преголем број наши студенти избираат работното место го бараат во странство. Сега имаме глобален пазар на трудот и за некои професии за кои во странство има потреба од кадар, како што се ИТ и лекари, постои многу силен притисок луѓето да заминат поради неможноста да се обезбедат адекватни плати во Србија.

Има ли Србија државна стратегија за запирање или намалување на одливот на мозоци?

– Република Србија има таква стратегија и се обидува на повеќе нивоа да го запре и да го забави заминувањето на младите. Еден од аспектите каде што Универзитетот во Белград помага е зголемување на способностите на студентите самостојно да отвораат свои бизниси, да се зголеми нивната претприемачка способност и на тој начин студентите да станат попроактивни.

Мислам дека на сите им е јасно дека за некои професии мора да бидат зголемени платите за да ги задржиме. На тоа, секако, Универзитетот не може да влијае, но мислам дека преку соодветни вештини кои не влегуваат во студиските програми, можеме да ги зајакнеме нашите студенти да можат пошироко да гледаат на идното вработување, а не секогаш во рамките на својата струка, и на тој начин да им помогнеме.

Белградскиот универзитет во 2012 првпат влезе на Шангајската ранг-листа и оттогаш го одржува пласманот кој беше највисок во 2017-та (284 место). Но лани во однос на 2018-та имаше голем пад, повеќе од сто места, и сега е рангиран меѓу 401. и 500., а беше меѓу 301. и 400. место. На што се должи тоа?

– Очекувам дека оваа година повторно ќе одиме нагоре. Се случи многу едноставна работа. Многу голем број универзитети, всушност, имаат многу слична ефикасност и успешност. Разликите во горниот дел на табелата, во тие топ 500, се многу мали меѓу универзитетите, а можат да предизвикаат големи промени.

Има многу индикатори што се собираат, како што се број на трудови, потоа категории на високоцитирани научници и високоцитирани трудови. Во сплет од околности две години немавме двајца високоцитирани научници од областа на математиката кои во тој период беа успешни во публикувањето и се најдоа на листата сто најцитирани научници. Минатата година повеќе не беа на таа листа од различни причини. Тие неколку бода нас нѐ стрмоглавија, зашто сето останато беше практично исто.

Како ќе биде со нив во 2020 не знам, но знам дека како универзитет имаме поголем број трудови, имаме поголем број високоцитирани трудови и очекувам дека повторно малку ќе се качиме нагоре.

За јавноста е секогаш интересно тоа да го следи, но ние како универзитет резултатите на Шангајската листа ги гледаме првенствено како интерно мерило за следење на нашата работа.

Рангиран е на Шангајската листа и покрај тоа што одвојувањето за наука во Србија е 0,35 од БДП. Колку може да се развива науката без соодветно финансирање?

– Современата наука, кога зборуваме за природните, техничките и медицинските науки, не може да се развива без адекватно финансирање. Затоа што работите се менуваат толку брзо, конкуренцијата е голема и само, најпрво, со соодветно знаење и со соодветна опрема, можете да го држите чекорот.

Мислам дека нашата држава ја препозна таа потреба и дека во оваа 2020-та ќе биде значително поголемо финансирањето на науката отколку во претходните години. Донесени се и два закона кои го менуваат начинот на финансирање и поддршката на науката. Тоа би требало да доведе до една поздрава ситуација во која ќе нема статус кво или некоја социјала, туку ќе има конкуренција за најквалитетните истражувачи да добијат средства за своите истражувања. Резултатите од овие политики на Владата на Република Србија ќе се видат по некоја година. Јас сум оптимист и за две години ќе можам да кажам каков е резултатот. Може да очекуваме дека ќе биде добар.

А зошто е важно државата да инвестира во наука? Затоа што со создавање компетентен кадар вие го засилувате својот ресурс како држава. Еден дел од тие истражувања, сепак, оди кон комерцијализација и тоа е начинот како можете да ја зацврстите својата економија. Мислам дека се многу големи очекувањата од областа на информациско-комуникациските технологии. Во Србија постои долга традиција поврзана со современите производни технологии и она што денес се нарекува Индустрија 4.0, и се надевам дека и во тој домен ќе успееме да направиме некои поместувања.

Во Вашиот мандат се случи нешто што се бараше и чекаше неколку години – да се провери, а потоа и поништи докторат на актуелен министер. Притоа, во утврдувањето на плагијатот Универзитетот успеа да им одолее на силните притисоци, со што покажавте дека сте автономни во одлучувањето. Сметате ли дека политиката е најголем непријател на одржувањето квалитетно образование и може ли тоа да биде во вистинска смисла независно од какви било влијанија?

– Универзитетот е дел од општеството, така што тој не може да остане имун на различни влијанија, дневни и актуелни случувања. Од таа страна, значи, секогаш има интеракција. Од друга страна, што се однесува до зачувувањето на струката, автономијата на универзитетот е клучна и многумина сметаат дека мерило за демократијата на едно општество е каква е автономијата на еден универзитет.

Сметам дека универзитетот им припаѓа на сите и дека од таа причина е многу важно да се зачува. Значи, на универзитетот нема политичка активност, со многу разбирање дека секој поединец има право да биде политички ангажиран. Но надвор од универзитетот.

Почитувајќи ги тие принципи и процедурите што ги развивме во меѓувреме, мислам дека успеавме да останеме независни и во овој случај со спорниот докторат да го согледуваме само она што е врзано со содржината на докторатот, а да ги исклучиме другите фактори. Тоа не беше едноставен процес бидејќи интересот на јавноста беше огромен. Тој интерес на јавноста направи околностите за тој случај да бидат политички, но самата постапка на вреднување на тезата не беше политичка.

Ви импонира ли тоа што со покажаниот академски интегритет ги освоивте симпатиите на студентите и на јавноста, а ја добивте и наградата „Придонес за Европа“ за 2019?

– Мислам дека Универзитетот е поголем од секој поединец и дека е многу важно да го зачуваме. Во Србија немаме многу институции со толку голема традиција и наша должност и обврска е да ја чуваме таа институција.

Се надевам дека во текот на мојот мандат ќе успеам да го чувам универзитетот на соодветен начин.

Белградскиот универзитет оваа година ќе биде домаќин на Европските универзитетски игри. Кога ќе се одржат и дали се подготвувате?

– Да, така е, и ми претставува исклучително задоволство да ги повикам сите македонски универзитети да учествуваат на Европските универзитетски игри кои ќе се одржуваат во Белград од 12 до 25 јули. Во тек е пријавувањето на екипите во повеќе од 20 спортови, ќе има и два параспорта.

Од академска страна е посебно интересна Ректорската конференција за спорт која ќе се одржи на 11 и 12 јули, непосредно пред почетокот на Игрите, на која ќе се занимаваме со одржливиот развој на универзитетскиот спорт.

Би сакале како гости на конференцијата да ги видиме нашите колеги, ректори. Мислам дека дискусијата ќе биде многу интересна. Веќе ни се најавија ректори од поголем број универзитети, и тоа многу угледни, што ветува плодна и добра дискусија.


Администратор
05/03/2020 10:35