Словенечкиот и хрватскиот претседател Борут Пахор и Зоран Милановиќ се договорија во иднина да работат интензивно на решавање на отворените прашања меѓу двете земји, пред се на граничниот спор.

Како што јави дописникот на МИА од Љубљана, ова беше заклучено за време на нивната прва заедничка средба како претседатели, во местото Оточец во близина на Ново Место, кое практично и симболично се наоѓа на половина пат меѓу Загреб и Љубљана.

– Многу сум среќен што поранешната хрватска претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ ја одбра Словенија како последна нејзина дестинација во функција на претседател, а сега и Милановиќ се одлучи првата посета во странство да му биде кај нас, изјави Пахор на прес-конференцијата по средбата.

Пахор додаде дека официјална Љубљана го поддржува влезот на Хрватска во Шенген зоната, но без затворање на прашањето околу арбитражата, ќе биде тешко словенечката Влада и практично да го одобри тоа.

Милановиќ од своја страна кажа дека има многу работи што ги поврзуваат двете земји и дека тие ќе мораат да работат на решавање на сите прашања.

– Јас пред малку излегов од кампања, но на мојот словенечки колега му го кажав истото што го говорев за време на претседателската трка. Словенија и Хрватска се блиски народи и култури и едноставно мораат да соработуваат, изјави Милановиќ.


Администратор
27/02/2020 20:34