Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, денес на прес-конференција објави аудио бомба за поранешниот претседател на Владата и актуелен претседател на СДСМ Зоран Заев за која тврди дека јасно се гледа спрегата на Заев и судството, односно како тој нарачувал одлуки во Врховниот суд.

Според транскриптите кои Милошоски им ги подели на медиумите, разговорот е снимен во Владата на Република Македонија во присуство на едно лице опфатено со случајот „Рекет“ и уште едено непознато лице.

- Би сакал да укажам дека господинот Заев претходниот пат веќе призна дека се работи за неговиот глас, на аудио снимката која што беше објавена во Собранието на Република Македонија. Овој пат тоа не е тема.

Тема е што господинот Заев како премиер во присуство на други нему познати лица дава експлицитно јасен исказ дека тој договарал одлуки заедно со Врховниот суд, тоа е фрагнатно мешање на Извршната во Судската власт и кршење на многу членови во Кривичниот Законик и на принципите во Уставот на државата.

Второ, од самиот материјал може да се види дека господинот Заев цело време бил во тесна и блиска соработка со госпоѓата Катица Јанева, која што очигледно е дека без него не можела да одлучува или да постапува самоволно. И затоа може лесно да се заклучи дека господинот Заев и госпоѓата Катица Јанева биле во тесна координација и за самиот случај „Рекет“.

И третата работа, ако внимателно го видите транскриптот господинот Заев јасно посочува зошто му се брзаше на таков нелегален, неделовнички начин да се донесе Законот за обвинителство и зошто толку очајно се залагаше 80 пратеници да ги обезбеди да гласаат за да не важат понатаму во иднина нелегално стекнати материјали кои што би можеле да бидат употребени како докази против него во некоја идна постапка, истакна Милошоски.