Капиталните инвестиции наменети за развој на руралните средини интензивно се реализираат на терен. Сите овие проекти се само потврда на мерките кои оваа Влада ги презема за подобрување на условите за живот во руралните средини. Секојдневно докажуваме дека еднакво се грижиме за сите општини и обезбедуваме достоинствен живот за сите наши граѓани, изјави заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Благе Цветковиќ кој денеска, заедно со директорот на Платежната агенција, Николче Бабовски и градоначалникот на Општина Гази Баба, Борис Георгиевски, беше во село Раштак каде во тек е реконструкција и проширување на регионалниот пат од Бутел до Раштак во должина од пет километри.

Реконструкцијата се извршува со финансиска поддршка од Програмата за рурален развој, за што општина Гази Баба доби грант од 11,9 милиони денари.

Според директорот Бабовски, Општина Гази Баба за мерките од Програмата за рурален развој има поднесено барања за три проекти, за што ќе добие финансиска поддршка од скоро 40 милиони денари.

– Тоа се народни пари кои на овој начин повторно ги враќаме кај граѓаните. Преку реализација на ваквите проекти ги развиваме и потенцијалите на малите населни места, а со тоа ги правиме поатрактивни и за рурален туризам и за еконоски развој. Преку реализацијата на инвестициите во патишта , водовод , канализациони мрежи, зачувување на културно-искористиските места, создаваме можности и услови младите да остануват во своите родни краишта и да развиваат сопствен бизнис, рече Бабовски.

Градоначалникот Георгиевски изјави дека е ставен посебен акцент на подобрување на патната инфраструктура во повеќе населени места.

-Со оваа реконструкцијата опфаќаме и проширување на патот, како и изградба на потпорен ѕид. Жителите на Раштак добиваат пат кој ќе им овозможи безбедно и ефикасно поврзување со општина Бутел. Овој инфраструктурен проект е трет што во овој период го започнавме заедно со Владата, на терен веќе започнавме со изградба на локалниот пат од ООУ „Наум Охридски” до викенд населбата во Булачани во должина од 1.100 метри, како и патот од манастир Св. Илија до населеното место Виниче во должина од два километра, напомена Георгиевски.

Преку мерките од Програмата за рурален развој во сите општини во државата во моментов се реализираат над 200 инвестициски проекти, за што Владата обезбеди 38 милиони евра.


Администратор
20/02/2020 14:37