Негователи на стари и изнемоштени лица, образовни асистенти за лица со попреченост и еден масер-терапевт се ангажирани за поддршка на лицата од Крива Паланка во рамки на проектот „Цело е кога има се“.

Проектот е произлезен од програмата „Oпштинско корисна работа за 2019 година“, поддржана од УНДП -Програма за развој при ОН, Министерството за труд и социјална политика, Агенцијата за вработување и Општина Крива Паланка и четврта година по ред успешно се спроведува на подрачјето на општината.

-Оваа програма се спроведува по четврти пат во општината, годинава вклучи четири негователи за стари и изнемоштени лица во домашни услови, еден масер терапевт, исто така за во домашни услови и седум воспитно образовни асистенти кои се вклучени во основните училишта „Илинден“ и „Јоаким Крчовски“ за деца со пречки во развојот кои се дел од редовниот процес на образование. Асистентите се вклучени за време на часовите со учениците со попреченост, им помагаат во изработка на нивните училишни и домашни задачи, ги охрабруваат да се трудат да постигнат што повеќе во наставата, ги дополнуваат наставниците и професорите кои треба да работат со овие деца. Овие воспитно образовни асистенти се вклучени за учебната 2019/2020 година. Иако се ангажирани со скратено работно време по четири часа дневно, нивниот придонес е повеќе од очигледен, децата се привикнаа на нивната помош, но и дружење, внимание и љубов, изјави Елена Христовска, координатор на проектот од општина Крива Паланка.

Специфично во проектот е вклученоста на лице со оштетен вид, физиотерапевт-масер за стари лица на кои им е потребна релаксирачка масажа.

-Игор Ѓоргиевски, лице со целосно оштетен вид, беше ангажиран како масер-физиотерапевт благодарение на сертификатот со кој се стекнал преку обука преку АВРМ во 2016 година и сосема успешно ги реализира активностите определени со проектот, додава Христовска.

Ангажманот на дел од ангажираните лица во проектот завршува на крајот на месецов, а дел од нив, образовните асистенти продолжуваат до крајот на учебната 2019/2020 година.


Администратор
19/02/2020 16:16