Презентација на најголемиот технолошки настан во Турција – Технофест 2020 ќе се одржи денеска во Скопје, во организација на Турскиот културен центар „Јунус Емре“ – Скопје.

На презентацијата на условите за аплицирање, како што е најавено, ќе учествуваат и надлежни лица од Фестивалот на авијација, вселенски науки и технологии Технофест. Презентацијата ќе се одржи на турски и англиски јазик вo Меѓународниот балкански универзитет во Скопје.

Првите проектни апликации надвор од Турција фестивалот годинава ќе ги прими од балканските земји, а последниот датум за аплицирање е 28 февруари 2020 година.

Најголемиот технолошки настан на Турција, Технофест, ќе се одржи во Газиантеп, од 22 до 27 септември 2020 година. На минатогодишниот фестивал учествувале над 50.000 натпреварувачи во 17.373 екипи од 122 земји од светот.

Натпреварувањата се одвиваат во 19 категории, меѓу кои се: авијација, автомобили, артифицијална интелигенција, симулации, автономни подводни возила, беспилотни возила и летала и други.

За натпреварувачите кои ја поминуваат првата елиминациска рунда се одвоени вкупно средства од четири милиони турски лири, додека за финалните победници се одвоени три милиони турски лири.


Администратор
19/02/2020 10:08