Илјадници луѓе протестираа во Ерфурт, главниот град на германската провинција Тирингија, каде изборот за премиер на оваа федерална провинција предизвика политички пресврт во земјата.

Според организаторите, во протестите учествуваа околу 18.000 луѓе од невладини организации, уметници, синдикални и политички лидери обединети во сојузот #Unteilbar (Неделиви).

Протестите се одржаа под мотото „Без нас, не сакаме пакт со фашисти: никогаш и никаде!“ На транспарентите, меѓу другото, пишуваше „Не сакаме 4 Рајх“ и „Не сакаме власт по секоја цена“.

Неочекуваниот избор на либералот Томас Кемерих (ФДП) на 5 февруари, со помош на гласови од конзервативната десница и екстремната десница обединети во коалиција, веќе поттикнаа бројни спонтани митинзи низ Германија.

Поради бурата што ја предизвика тој избор во земјата, кандидатот на малата либерална Слободна демократска партија (ФДП) поднесе оставка 24 часа по изборите со тесно мнозинство.

Организаторите на протестите, сепак, сметаат дека штетата е веќе направена.

За затегнатата состојба во земјата говори и фактот што неколку простории на ФДП низ целата земја биле цел на напади.

Кризата од покраината се прошири и на конзервативната партија на канцеларката Ангела Меркел, Христијанскодемократската унија (ЦДУ), затоа што нејзин член во Тирингија, заедно со крајно десничарската Алтернатива за Германија (АфД), учествуваше во изборот на Кемерих.

Лидерката на ЦДУ Анегрет Крамп-Каренбауер затоа најави оставка од челната позиција на партијата и рече дека не сака да се кандидира за канцеларка на претстојните избори.


Администратор
16/02/2020 21:22