Законот за јавно обвинителство е донесен согласно сите процедури и согласно Деловникот за работа, изјави координаторот на пратеничката група на СДСМ Костадин Костадинов на прес-конференција во Собранието.

– Процедурата при изјаснувањето беше кристално чиста. Постои пракса во Собранието, кога системот нема да регистрира одреден глас и тогаш на пријава на пратеникот чиј глас не е регистиран, се оди на повторно гласање. Такви примери сме имале многупати во Собранието, а ако навистина ВМРО-ДПМНЕ не верува дека имаме 80 пратеници, можеа да бараат поединечно гласање, рече Костадинов.

Со изгласувањето на законот, според Костадинов, победила правдата, а Собранието покажало дека е за правна држава, владење на правото и одговорност за сите.

– Извршителот Мицковски не успеа во намерата да го блокира Законот за јавно обвинителство. Собранието со 80-те пратеници „за“ покажа дека е за европска идннина на нашата држаа. За нас е од огромно значење дека само шест пратеници се изјаснија против законот за ЈО. Законот за ЈО кое Собранието го усвои, гарантира дека сите судски предмети кои произлегоа од СЈО ќе имаат разрешница, рече Костадинов.

Додаде дека СДСМ денеска ќе гласа и за распуштање на Собранието за да се оди на предвремени избори на 12 април. Ја повика ВМРО-ДПМНЕ да достави предлог за нов министер за труд и социјална политика по разрешувањето на Рашела Мизрахи.


Администратор
16/02/2020 14:54