Во рамки на одбележувањето на големиот верски празник посветен на лозарите, св. Труфун, во населеното место Ајватовци, во црквата „Свети Трифун“, се одржа традиционалниот „Саем на домашно вино“.

Свеченоста почна со Божествена литургија во црквата „Свети Трифун“, што ја одржаа свештениците од Македонската православна црква-Охридска архиепископија, по што следуваше симболичното закројување на лозовите насади.

Во изборот на најдобро домашно приготвено вино на традиционален начин, учествуваа дванаесетмина винопроизводители, а за најдобро беше прогласено виното на Трајче Трајковски од Ајватовци, второто место го освои Новица Апостоловски од Мршевци, додека трет беше винопроизводителот Божидар Костовски, од Бунарџик.

На производителот на најдоброто вино градоначалникот на Општина Илинден Жика Стојановски му врачи посебна плакета. Благодарници и пригодни награди тој им додели и на сите учесници во изборот на најдобро домашно приготвено вино.

– Изборот на најдоброто вино, како и во изминатите години го извршија членовите на „Вински витези“ од Македонија – Здружение кое што се грижи за промоција на македонското вино и на македонската култура, соопштија од Општина Илинеден.

Професорот Мишо Христовски, од Здружението „Вински витези“, истакна дека имале навистина тешка задача да го одберат најдоброто меѓу сите оние, како што рече, презентирани добри вина.


Администратор
14/02/2020 15:10