Предвидена е и локација за изградба на мал покриен базен во рамки на парцелата на постојниот градски пливачки, отворен базен, кој ќе е биде финансиран од Агенцијата за млади и спорт.

Во завршна фаза е донесувањето нов Генерален урбанистички план (ГУП) и на три детални урбанистички планови (ДУП) во Велес, за кои се очекува согласност од Министерството за транспорт и врски, за потоа тие да бидат ставени на разгледување и гласање од Советот на Општина Велес.

Градоначалникот на Велес Аце Коцевски информираше дека првиот ДУП се однесува на просторот околу Градскиот пазар и предвидува изградба на катна гаража на местото на сегашниот паркинг во близина на бифе-скара „Хајдук" со капацитет од околу 300 места за паркирање.

Со овој ДУП на местото на старата зграда на Велешкиот театар е предвидена изградба на колективен станбено-деловен објект на девет ката: две нивоа за паркинг-простор, два ката за деловен простор и пет за објекти за живеење.

Вториот ДУП се однесува на Градскиот парк и предвидува современо сообраќајно решение со кое ќе се овозможи кружно движење околу стадионот, а просторот под сегашните трибини може да се намени за деловни простории.

–Предвидена е и локација за изградба на мал покриен базен во рамки на парцелата на постојниот градски пливачки, отворен базен, кој ќе е биде финансиран од Агенцијата за млади и спорт. Се планира и изградба на две катни гаражи на долната страна под сообраќајницата кај Градскиот базен, појасни Коцевски.

Третиот Детален урбанистички план, рече, се однесува на просторот околу Младинскиот парк. Велес ќе добие ново сообраќајно решение со изградба на голем кружен тек на местото на семафорите со радиус од 30 метри. Семафорите ќе бидат преместени на друга соодветна локација.

Според овој нов ДУП, на местото каде што е сега бензинската пумпа на „Макпетрол" се предвидува изградба на нова. „Макпетрол" учествува во финансирањето на овој ДУП.

Со овој ДУП се предвидува изградба и на нова зграда за Градската библиотека на местото на сегашната барака на КУД „Керамичар" лоцирана во дел од Младинскиот парк. Како што најави градоначалникот Коцевски, новата библиотека во Велес ќе биде на три нивоа и ќе има голема површина за паркирање под објектот.


Администратор
14/02/2020 12:57