Албанскиот претседател Илир Мета, кој присуствуваше на свеченоста организирана во српската Амбасада во Тирана, по повод Националниот празник на Србија,15-ти февруари, порача дека Приштина и Белград треба да ги решат историските проблеми за да не бидат и понатаму нивни заложници.

Тој исто така изрази уверување дека многу Срби имаат силен сон за членство во ЕУ, јави дописничката на МИА.

„Присуствував на свеченоста организирана по повод Националниот празник на Србија. Заблагодарувајќи се на амбасадорот Мирољуб Зариќ за топлиот и срдечен пречек, изразив убедување дека сонот на многу српски граѓани за членство на нивната земја во Европската унија е се уште силен, напиша Мета на Фејсбук.

Додава дека за побезбеден регион потребен е нов дух на добрососедство и соработка.

„За да го направиме нашиот регион побезбеден, посигурен, подоверлив и пред се поатрактивен за младите во Албанија, Србија и Косово, за да можат иднината да ја гледаат во нивните земји, потребен е нов дух на добрососедство, соработка, разбирање и решавање на историските проблеми, така што тие повеќе да не се нивни заложници. Успех на европската иднина на Србија и на нашиот регион, напиша Мета.

Шефот на албанската држава претходно присуствуваше на свеченоста во косовската амбасада по повод 12-годишнината од независноста на Косово, 17 февруари, каде во обраќањето најави дека „ќе присуствува на уште еден важен настан во српската Амбасада“.

-На Балканот, секој народ и секоја нација е мнозинство во една и малцинство во друга држава. И решението никогаш не може да биде со промена на границите, туку да се почитуваат европските стандарди на секое малцинство во секоја земја. Тоа е причина што Албанија го направила и го прави за да покаже целосна одговорност за почитувањето на сите малцинства. По овој важен настан, имаме уште еден многу важен настан, а тоа е Националниот празник на Србија каде треба да присуствуваме, рече Мета.

Во обраќањето меѓу другото рече дека е време да се реши проблемот меѓу Косово и Србија, но оти решението никогаш не е да се сменат границите.


Администратор
14/02/2020 09:31