Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија најави дека заедно со главниот правен советник на Светската конфедерација на синдикати ќе изработат тужби за пред Меѓународната организација за трудот, вклучувајќи известување и до Европската комисија, за сериозно нарушување на слободата на синдикалното функционирање, прогон на синдикалните лидери и непочитување на законите од страна на одредени министри во оваа Влада, рече на прес-конференција претседателот на КСС Благоја Ралповски.

КСС, рече Ралповски, почна и ќе продолжи со поднесување кривични пријави до сите оние именувани и избрани лица носители на функции во државните институции кои грубо ги прекршува законите и колективните договори, како и вршеа упад во синдикалното делување за што веќе имаме и извршни пресуди. Доколку постојат вакви постапки, КСС ќе ја известува јавноста, ќе продолжи со покренување на соодветни судски постапки, ќе ги известува меѓународните организации и ќе преземе крајно радикални дејствија, посочи Ралповски.

Како што истакна, КСС бара целосна дигитализација и рационализација на јавниот сектор, искрена и фер функционална анализа, преквалификација на одреден број вработени и враќање на кариерното унапредување со цел мотивирање на административните и јавните службеници, но не со оценување, туку преку софтверско решение, вели претседателот на КСС Благоја Ралповски.

Според нивните анализи, годишно во нашата земја има од 6 до 7 отсто пензионирања во јавниот сектор, така што, како што посочи, со проста математика јавниот сектор за две-три години ќе биде намален од 25 до 30 отсто.

Ралповски потенцираше дека бараат вистинско почитување на законите со што работниците ќе ги остваруваат своите права без никаков политички притисок и ќе ја вратат довербата во правниот систем. Воедно, укажа, безрезервно почитување на колективните договори за во иднина да не се соочувале со мерки за притисок од наша страна како протести и штрајкови и играње со судбината на работниците во нашата држава.

– Фер и коректно социјално партнерство со реален, а не со неформален социјален дијалог и потпишување колективни договори со сите релевантни фактори. К-15 за сите, без исклучок дали се во реалниот или јавниот сектор, а Владата да биде предводникот и примерот за работодавачите како се почитува работникот. КСС бара носење закони по мерка на работниците без да се загрози бизнис секторот, пред се законот за работни односи, па и сите други закони што се од витално значење за работничките права. Вклучување на синдикатите при контрола на инспекторите, од причина што под товар на политичкиот притисок во изминатите години носеле решенија по теркот на политичките моќници…, рече Ралповски.

Тој ги повика сите политички партии, сериозно и одговорно да ги согледуваат нивните барања и да се обврзат на почитување на синдикатите и работничките права, но и низ нивните изборни програми да изнајдат решение за проблемите со кои се соочуваат работниците.


Администратор
14/02/2020 01:14