Во ЈЗУ Центар за јавно здравје во Велес минатата недела регистрирани се 83 лица заболени од сезонски грип за разлика од претходната недела кога беа 57 заболени.

За само една недела се заболени 83, што е приближно исто колку за цел јануари кога имало вкупно 88 заболени од сезонски грип.

Како што информира за МИА епидемиологот д-р Билјана Трајкова, меѓу 83-те новозаболени од сезонски грип првпат има и шест деца до четиригодишна возраст.

За разлика од последната недела од јануари, кога од грип беа заболени две деца, минатата недела бројот на деца од пет до 14 години е рапидно зголемен на 23 заболени.

Во старосната група од 15 до 64 години имало 50 заболени, а над 65 години – четири лица.

Трајкова посочи дека болните од сезонски грип најчесто се жалеле и имале симптоми на тешка главоболка, кашлање и течење на носот. Таа предупредува граѓаните да ги избегнуваат масовните собири и директните контакти со заболени, бидејќи грипот лесно се пренесува.


Администратор
10/02/2020 22:59